Како детската количка стана статусен симбол?!

Верувајте, бебето подеднакво ќе ужива, ќе гледа наоколу, ќе го запознае светот околу него и во количка од 100 и од 1000 евра. И во позајмена и во користена. И онака кога еднаш ќе седне, ќе сфатите дека најмногу ви одговара онаа наједноставната, количка-чадор. Е сега, дали е соодветна за на Инстаграм, тоа не знам

521

Што ве водеше при изборот на количка за вашето бебе? Дали цената, дизајнот, фотогеничноста или можеби функционалноста и удобноста што треба да ги има детската количка? Ако штотуку ја започнувате потрагата по идеална количка, можеби ќе бидете изненадени од цените кои се искачуваат и над 500 евра.
Дали знаевте дека цената за детска количка… извинете, за рамка за количка со придружна опрема (2 во 1, 3 во 1… ) е околу 400-500 евра па и повеќе?!

Кога (и како) количката стана статусен симбол, а не потреба?

Всушност, првата количка за бебиња била направена уште во 1733 година и била статусен симбол за англиската елита. Кочијата наменета за забава на децата на војводата од Девоншир се состоела од плетена корпа поставена на дрвена рамка со четири тркала, а ја влечеле коњчиња, кози или кучиња.

Два века подоцна, по бејби бумот што следеше по крајот на Првата светска војна, количките за бебиња добиваат популарност.

Пластиката ги заменува дотогаш користените скапи материјали, започнува масовното производство, што влијае и на значителен пад на цените. Денеска го заобиколивме целиот круг и се вративме на почетокот…

Генерацијата на денешните новопечени родители се претставници на милениумците кои (чест за исклучоците), во ропски однос со социјалните мрежи каде тагот ја одредува вредноста, некако успеваат сѐ да претворат во статусен симбол. Од храна, облека до… па и до децата.
Се разбира, ние го сакаме само најдоброто за нашите деца, важно ни е да им е удобно, сè да биде од квалитетни материјали, да не ги стиска никаде, да не им пречи ништо или да не се удираат многу кога одиме по овие наши тротоари со дупки и високи ивици… Значи – безбедноста и удобноста како приоритети. Но, на сето тоа доаѓа естетскиот момент, личните афинитети на мајката… и тука е главоболката!

Како што обично се случува, скапите колички први ги прошетаа познатите.
Гвинет Палтроу во 2005 година беше видена со количка на познатиот американски бренд Bugaboo, чија цена надминува 1000 долари. На таа листа се најдоа и Викторија Бекам, Мадона, Рејчел Зои, Кејт Мидлтон, Мила Кунис…

Количките од споменатиот бренд го имаа своето прво појавување во јавноста во култната серија „Сексот и градот“.

По епизодата во која бебето на Миранда беше прикажано во скапа количка, гледачките ја чекаа одјавната шпица за да го видат името на спонзорот, односно на производителот. На американското потрошувачко општество малку му требаше за да се вљуби во брендот Bugaboo.

„Среќна мајка, среќно бебе“ или која количка да се купи?

Предностите наведени како причини за избор на поскапи колички се леснотијата на ракување, поквалитетните материјали, гумените тркала (наспроти поевтините – пластичните) како и подоброто амортизирање.

За некои модели предност е и тоа што седиштето е во повисока положба од вообичаено за полесно спуштање и подигање на бебето, како и можност за вртење на седиштето во правецот на возење или обратно (што може да се реши со поместување на рачките, без потреба од отстранување на седиштето).

Исто така, кога избирате рамка, тогаш на неа редите понатаму (и плаќате поединечно) сѐ што ви треба – колевка, седиште, т.н. седиште „јајце“ кое го користите и во автомобилот, држач за шолја, зимска опрема за бебето, зимска опрема за мама во форма на топли ракавици кои одговараат на дизајнот на количката, заштита од дожд, чадор како дополнителна заштита од сонце… !

Убав изглед, автентичен дизајн, можност сами да ја изберете комбинацијата на бои – причини кои речиси секогаш се на врвот на листата на „добрите“ и очигледно ги оправдуваат вложените пари.
Маани? Ах, речиси ниедна. Можеби се малку потешки (минимум 11 кг + тежината на бебето, торбата…), па често е тешко (за некои жени, дури и невозможно) да ги симнат некој спрат подолу, до влезот на зградата – немаат сите згради (функционален) лифт. Тие се несмасни, незгодни за патување и пакување во багажникот на автомобилот…

Епилогот е дека често се купува количка-чадор, кога бебето малку ќе се зацврсти и ќе почне самостојно да седи.

Значи, дефинитивно ќе користите фенси, скапа количка околу 6 месеци. И тогаш ги сфаќате предностите на лесните колички кои лесно се преклопуваат со помали димензии, па постојано ги фалите.

Сепак, мајките заклучуваат и често истакнуваат дека никогаш не би ја смениле горенаведената количка и повторно би ја купиле?! Затоа што е убава. И да, и удобна. Бебето вели така.

Искрени совети за купување количка за бебиња: Како да ја изберете најдобрата детска количка?

Ако одите во шопинг со идејата дека ви е потребна удобна и лесна количка за секојдневните активности со бебето, а не со мислата како таа ќе се вклопи во вашиот фид на Инстаграм, тогаш можете да размислите и за количка по малку пониска цена. .

Колички за деца со систем 3 во 1 можете да најдете и за помалку пари, а доколку сакате да добиете две во едно – одредени, понови модели на колички – чадор имаат и нулта положба и се погодни за бебиња од раѓање.

Секогаш постои можност да позајмите детска количка од мајка-пријателка чие дете веќе застанало на нозе и не сака да седи во фенси-шменси превозно средство. Или можете да купите користена, добро сочувана количка за бебиња, која секако ќе послужи за целта.

Дали количката е неопходна за бебето?

Па, Конвенцијата за правата на детето не кажува ништо за тоа.

Количката што ќе ја изберете дефинитивно ќе ви го олесни излегувањето од дома со вашето бебе. Ќе имате и кец во ракав кога бебето не сака да заспие бидејќи е навикнато на секојдневното лулање во вашиот стомак.

А веќе знаеме дека нема ништо поубаво од дремка на чист воздух.

И верувајте, бебето подеднакво ќе ужива, ќе гледа наоколу, ќе го запознае светот околу него и во количка од 100 и од 1000 евра.

Повеќе