Како се одгледува нарцисоидно дете и зошто нарцизмот и самодовербата не се едно исто

Родителите кои веруваат дека нивното дете е подобро од другите деца на кој било начин и дека не може да згреши, веројатно несвесно го поттикнуваат нарцизмот кај своето дете, вели истражувањето.

27

За да одговорат на прашањето како се создаваат нарцисоидните личности, истражувачите ги набљудувале родителите и нивните деца во четири наврати во текот на период од 18 месеци. Тие сакале да видат кои фактори доведуваат до тоа децата да имаат превисоко мислење за себе.

Во таа прилика откриле дека децата на родителите кои ги прецениле во времето кога почнала студијата, на крајот од студијата покажале високо ниво на нарцизам, покажуваат тестовите.

Преценетите деца нивните родители обично ги опишувале како „посебни“ или како деца кои „заслужуваат нешто повеќе и поголемо во животот“.

„Децата веруваат кога нивните родители ќе им кажат дека се посебни. Но, тоа можеби не е добро за нив, па дури и за општеството“,вели Бред Бушман, коавтор на студијата и професор по комуникација и психологија на Државниот универзитет во Охајо.

Родителите, всушност, имаат тенденција да ги преувеличуваат и фалат своите деца надвор од сите граници, сѐ со добра намера да ги поддржат и да ја подигнат нивната самодоверба. Но, велат авторите на студијата, наместо да им ја подигнат самодовербата, тие ги претвораат во нарциси.

Иако опасните последици од нарцизмот се добро познати, неговото потекло не е, тврди Бушман. Ова истражување е првото спроведено за да се види како се развива нарцизмот во детството.

Студијата опфатила 565 деца (и нивните родители) на возраст од седум до 11 години во Холандија. Истражувањето било спроведено четири пати, секогаш со разлика од шест месеци.

Степенот до кој родителите ги преценуваат своите деца бил измерен со помош на скала во рамките на која тие одговарале колку се согласуваат со изјавата: „Моето дете е примерно дете и може да биде пример за другите деца“.

Исто така, и родителите и децата одговориле на прашањето колкава емотивна поддршка и топлина добиваат децата од нив, а било измерено и нивото на нарцизам и самодоверба кај децата.

И иако многу луѓе веруваат дека нарцизмот е всушност само вишок на самодоверба, тоа не е точно, според истражувачите.

Во оваа студија, децата со висока самодоверба, наместо да се гледаат себеси како посебни за другите, се согласиле со изјавите кои имплицирале дека се среќни онакви какви што се и дека ја сакаат својата личност.

„Луѓето со висока самодоверба веруваат дека се добри како другите, додека нарцисистите веруваат дека се подобри од другите“, објаснил Бушман.

Студијата исто така покажала дека самодовербата и нарцизмот се развиваат на различни начини.

Додека преценувањето на способностите на детето од страна на родителите е поврзано со појавата на нарцизам кај детето, тоа воопшто не е поврзано со поголема самодоверба.

Од друга страна, родителите кои покажале поголема емоционална поддршка и топлина кон своите деца имале деца чија самодоверба растела во текот на целиот период на истражувањето. И таа родителска топлина не е поврзана со развојот на нарцизам, се вели во студијата.

Претходна студија спроведена од Бушман со неколку други колеги, исто така, покажала до која мера некои родители ги преценуваат своите деца.

Во оваа студија, на родителите им биле претставени одредени концепти од општата култура за кои нивните деца (од осум до 12 години) треба да знаат.

Термини како „Животинска фарма“ или „Нил Армстронг“. Истражувачите ги прашале родителите што мислат, дали нивните деца знаат за познатиот астронаут и познатата книга. Но, во исто време, истражувачите вклучиле некои непостоечки концепти во нивните прашања, а родителите кои се особено склони да ги преценуваат своите деца рекле дека нивното дете сигурно знае за овие концепти (дури и за непостоечките).

Сепак, авторите на студијата забележале дека иако родителското преценување на детето игра голема улога во развојот на нарцисоидна личност, тоа не е единствениот фактор. Важна улога игра генетиката и темпераментот на детето.

„Некои деца имаат поголеми шанси од другите да пораснат во нарцисоидни личности ако нивните родители ги преценуваат“, рекол Бушман.

Бидејќи и самиот е татко на три деца, вели дека овие студии за нарцисоидноста го промениле и неговото воспитување.

„Пред да започнам со моето истражување, навистина верував дека треба да се однесувам со моите деца како да се посебни. Сега сум многу внимателен околу тоа“, вели тој.

„Важно е да му покажеме на детето разбирање и нежност, бидејќи тоа е она што ја промовира самодовербата. Ако ги прецените, можеби негувате иден нарцис“, е заклучокот од оваа студија.

Повеќе