Кога тато вели ДА, а мама – НЕ! Што кога родителите имаат различни пристапи во начинот на воспитување

Кога родителите ќе научат да ги вреднуваат своите разлики и да функционираат во склад со нив, тоа ќе донесе радост и релаксирани односи во семејството. Ова почитување е од исклучително значење и е особено корисно за мешани бракови, комуникација на родителите после развод, како и во семејства каде повеќе генерации се вклучени секојдневно во процесот на воспитувањето и во грижата за децата.

285

Родителите честопати знаат да си коментираат меѓусебе кога станува збор за заедничкото воспитување на децата во стилот „“премногу си строг“ или „премногу попушташ, го разгалуваш детето“ или „ќе му  направиш трауми на детето“ и слично.

Можеби во другите аспекти  од партнерската релација има согласување и функционираат на продуктивен начин, но во стиловите на воспитување постојат разлики кои често водат кон фрустрации, борба за усогласување, непочитување и недоразбирања.

Реткост е родителите да се согласуваат во сѐ и не можеме да очекуваме дека двајцата ќе размислуваат и ќе се однесуваат исто кон децата и токму таквите очекувања често се покажуваат како нереални. Идеална усогласеност не постои и не мора да постои во родителствувањето и воспитувањето, но она што е значајно е да  постои  взаемно почитување на разликите, да се негува сознанието дека е сосема во ред и да не се согласат околу пристапот со детето.

Детето многу брзо ќе се навикне на тоа дека мама ги прави работите на еден начин, тато на друг начин и со тоа не му се нарушува сликата ниту за едниот родител. Проблемот настанува кога едниот родител се обидува да ја надомести улогата на другиот родител, дозволуваат детето да манипулира со нив, да ги сврти еден против друг. Кога родителите ќе научат да ги вреднуваат своите разлики и да функционираат во склад со нив, тоа ќе донесе радост и релаксирани односи во семејството. Ова почитување е од исклучително значење и е особено корисно за мешани бракови, комуникација на родителите после развод, како и во семејства каде повеќе генерации се вклучени секојдневно во процесот на воспитувањето и во грижата за децата.

Подолу се неколку препораки кои можат да помогнат во овој процес на прифаќање и почитување на разликите.

1. Отфрлете го црно-белиот начин на поделба на она што е правилно, а што погрешно и започнете да вежбате да ги цените разликите. Утврдете на кој начин секој придонесува за семејството и фокусирајте се на силните страни. Дајте му на другиот родител до знаење дека иако не ви се допаѓа начинот, сепак одлучувате да го почитувате неговиот однос со детето. Ако не се согласувате со она што се случува, разговарајте кога децата не се со вас. Обидете се да се помирите со постоењето на несогласувања.

2. Не се обидувајте да ја надоместите улогата на другиот родител на тој начин што ќе одите во крајност и ќе бидете премногу строги (за да ја исправите мекоста на другиот родител ) или премногу попустливи (за да надоместите за прејаката дисцилинира на другиот родител). Децата можат да научат да се носат со два различни стилови на воспитување.

3. Доколку партнерот се чувствува обесхрабрено, немојте да штедите на убави поддржувачки зборови, спремност за разговор и гушкање.

4. Немојте да зборувате лошо за партнерот пред децата и да барате од нив да пренесуваат пораки до другиот родител. Немојте да им се жалите на децата за партнерот и да очекувате од нив да ви помогнат во односот со сегашниот или поранешниот партнер.

5. Редовно одвојувајте време за разговор со партнерот и зборувајте! Одете заедно на курсеви, учете за различни пристапи и разговарајте за методите што ви се нови.

Она што децата можат да го научат е дека разликите можат да бидат предност, а не пречка, дека не постојат ригидни правила за тоа што е правилно, да научат да го набљудуваат човечкото однесување и да бараат решенија за да си ги задоволат своите потреби. Доколку постојат преголеми разлики во начинот на воспитување, поставете јасни граници и бидете свесни за правото и одговорноста да одбиете било каков вид на насилство или постојано критикување и охрабрете се да  побарате помош од пошироката заедница.

Децата ќе научат како да постапуваат со конфликтни ситуации и судири, како и тоа дека е сосема во ред да се побара поддршка и помош кога е потребно.

Пишува: Ирена Жунгулова, психолог и психотерапевт, супервизор на линијата за родители

Повеќе