Колку ќе им плаќа овој хрватски град на бабите и дедовците за чување на внуците?

Многумина не можат без услугите на бабите и дедовците, а Самобор ќе биде првиот град во Хрватска што ќе воведе надомест од 360 евра месечно за грижа за внуците.

38

Убавиот Самобор во Хрватска, воведува посебна мерка за поддршка на семејствата – паричен надоместок за бабите и дедовците кои се грижат за своите внуци од предучилишна возраст.

Оваа иницијатива наречена „Баба-дедо сервис“ ќе им овозможи на постарите членови на семејството да им помагаат на своите деца кои работат, а за тоа ќе добиваат и месечен надоместок од 360 евра.

Кој има право на поддршка?
За да се квалификуваат за овој надомест, бабата или дедото мора да живеат во Самобор и да бидат пензионирани и медицински способни да се грижат за детето.

Исто така, услов е детето што се згрижува да има најмалку една година и да не е запишано во градинка или центар за згрижување поради немање место.

Дополнително, барем еден од родителите мора да има пријавено престој во Самобор најмалку една година пред поднесување на барањето, а треба да е и вработен или редовен студент.

Според хрватските портали, првите исплати ќе почнат веќе во април, па многу баби и дедовци во Самобор ќе добијат втора пензија пред локалните избори.

Родителите кои сакаат да ја искористат оваа мерка треба да поднесат барање до Управното одделение за социјални работи на Град Самобор. Апликацијата мора да содржи докази за престој, вработување и статус на бабато и дедото. По одобрувањето на барањето, се склучува договор со кој се дефинираат правата и обврските на примачот на надоместокот.

Обврски на бабите и дедовците
Покрај грижата за внуците, бабите и дедовците вклучени во оваа мерка мора да обезбедат соодветна грижа, исхрана и безбедна средина за детето. Родителите треба да доставуваат квартален извештај за спроведување на мерката, додека Градот Самобор ќе врши надзор за правилно искористување на средствата.

По примерот на Шведска
Оваа иницијатива е инспирирана од шведскиот модел кој стапи на сила минатата година и им овозможува на родителите да пренесат дел од бенефициите за родителско отсуство на бабите и дедовците.

Самоборскиот модел, иако е прилагоден на локалните потреби, ја следи истата цел – обезбедување поддршка на семејствата и олеснување на балансирањето на работните и семејните обврски.

Ова го прави Самобор еден од првите градови во Хрватска кој на овој начин ја поддржува меѓугенерациската солидарност и им помага на родителите да го балансираат семејниот и деловниот живот.

Повеќе