Човечкиот допир може да ги намали болката, депресијата и анксиозноста

„Нашата работа покажува дека допирот е најсоодветен за намалување на болката, депресијата и анксиозноста кај возрасните и кај децата, како и за зголемување на телесната тежина кај новороденчињата“, велат истражувачите.

114

Научното истражување спроведено од експерти од германскиот универзитет во Есен покажало дека допирот може да ги намали болката, депресијата и анксиозноста, како и дека повеќе допири придонесуваат за ублажување на менталните и физичките заболувања.

Без разлика дали се работи за пријателска прегратка или допир на омилена ткаенина, самото чувство на допир е корисно и за умот и за телото, пренесува Science Daily.

Сетилото за допир е првото нешто што се развива кај новороденчињата и е пресудно за нивното откривање на околината и за развој на комуникацијата.

Отсуството на физички контакт за време на пандемијата на Ковид-19 тешко погоди голем број луѓе ширум светот.

Но, додека бројни претходни студии покажаа дека допирот може да биде корисен за здравјето на поединецот, сега експертите од Универзитетот во Есен во своето истражување дојдоа до едноставен заклучок – допирот помага.

Д-р. Хелена Хартман, коавтор на германската студија рекла дека „повеќе усогласени допири во текот на денот може да придонесат за ублажување на менталните и физичките тегоби“.

Студијата, чии резултати се објавени во списанието Nature Human Behaviour, опфаќа дури 212 претходно објавени студии за сетилото за допир. Студијата комбинира статистички анализи на претходни 85 студии во кои биле вклучени возрасни и 52 студии со новороденчиња.

Тимот на научници заклучил дека допирот е подеднакво корисен за менталното и физичкото здравје, што подеднакво се однесува и на возрасните и на новороденчињата.

„Нашата работа покажува дека допирот е најсоодветен за намалување на болката, депресијата и анксиозноста кај возрасните и кај децата, како и за зголемување на телесната тежина кај новороденчињата“, велат истражувачите.

Позитивното влијание врз менталното здравје било поголемо кога станувало збор за човечки допир отколку кога испитаниците допирале омилено ќебе или специјални роботи дизајнирани да ја подобрат човековата благосостојба. Експертите велат дека веројатно станува збор за контактот кожа на кожа.

Утврдено е и дека допирот е корисен и за здравите и за болните луѓе, но влијанието било поголемо за вторите, особено за нивното ментално здравје.

Д-р. Маријана фон Мор од Ројал Холовеј, Универзитетот во Лондон, која не била вклучена во истражувањето, вели дека идните роботи би можеле попрецизно да ја реплицираат текстурата и топлината на човечката кожа за да ги имаат истите придобивки за менталното здравје како човечкиот допир.

„Овие својства се важни бидејќи нашата кожа има специјални сензори, а тоа се Ц-тактилни аференти, особено чувствителни на нежен, милувачки допир и температура слична на онаа на човечката кожа. Се верува дека тоа се фактори кои го подобруваат и олеснуваат регулирањето на емоциите“, објаснува таа.

„Историска несреќа е што во изминатите неколку векови му дадовме предност на разговорот во однос на допирот или другите соматски терапии. Овој преглед на неколку студии укажува дека треба да го поправиме ова и да ја воспоставиме потребната рамнотежа со понатамошно, внимателно проучување на интервенциите со допир“, смета проф. Катерина Фотопулу од Универзитетскиот колеџ во Лондон.

Повеќе