Македонските атлети освоија 4 медали на Специјалната олимпијада 2025
Илина Георгиева и Стефан Трпковски на Специјалните зимски олимписки игри во Торино, Италија, освоија две сребрени медали во категоријата спортски танци, а нашите крос-кантри скијачи, Фатмире Бајрамоска и Албан Бајрамоски, освоија сребрени медалји во крос-кантри скијање
Нашата делегација на Специјалните олимписки светски зимски игри – Торино 2025, кои започнаа на 7 и ќе траат до 16 март е составена од талентирани спортисти, тренери и официјални лица кои ја претставуваат Македонија на ова големо спортско натпреварување во кое учествуваат над 1.500 спортисти од 102 земји во светот.
Оттаму стасаа одлични вести: македонските атлети освоија четири сребрени медали.
Илина Георгиева и Стефан Трпковски на Специјалните зимски олимписки игри во Торино(ИТА) @specialolympicsworldgames во категоријата Спортски танци освоиле две медали помеѓу учесници од Норвешка, Венецуела, Украина, Словачка, Чешка, Монголија, Индонезија, Мароко, Естонија, Саудиска Арабија…


Илина се закитила со сребро со танц на песната ,,Ој, девојче”, а Стефан се закитил со сребро со танц на песната ,,Море сокол пие”.



„Нашите неверојатни Илина Георгиева и Стефан Трпковски со својата енергија, страст и грациозност блеснаа на настапот во спортски танци на Специјалните Олимписки Зимски Игри – Торино 2025! Секој чекор раскажува приказна, секое движење е инспирација! Со своите настапи, Илина и Стефан докажаа дека танцот нема граници и дека соништата стануваат реалност кога срцето танцува со нив!“, велат од Специјалната олимпијада на Македонија.
За кореографијата и за работата со Илина и Стефан заслужни се и Катерина Јолакоска и нејзиниот тим од танцовото студио „Еурека“ од Скопје.
Сребрени медалји освоиле и нашите атлети крос-кантри скијачи Фатмире Бајрамоска и Албан Бајрамовски.



„Со неверојатна посветеност, труд и спортски дух, Фатмире Бајрамоска се избори за второ место во крос-кантри скијање и ѝ донесе сребрен медал на Македонија! Горди сме на нејзиниот успех и нејзината храброст, која е инспирација за сите нас! Со неспоредлива енергија и посветеност, Албан Бајрамовски го освои второто место во машката категорија на крос-кантри скијање, носејќи уште еден сребрен успех за Македонија! Неговиот труд е најголем доказ дека соништата се остваруваат со напорна работа“, велат од Специјалната олимпијада на Македонија.
Нивниот труд, посветеност и борбен дух се инспирација за сите нас!

