„Мател“ ја претстави првата Барби со аутизам

„Мател“ создаде кукла за која се надева дека ги претставува дел од начините на кои аутистичните лица комуницираат со светот.

78


Компанијата „Мател“ ја претстави својата прва Барби со аутизам, додавајќи ја во својата линија кукли насочени кон зголемување на инклузивноста.

Американскиот гигант за играчки изјави дека куклата со аутизам jа развиле во партнерство со непрофитната организација Autistic Self Advocacy Network, во текот на 18 месеци.

Непрофитната организација со седиште во Вашингтон се залага за подобра медиумска застапеност на лицата со аутизам, објави „Дојче веле“ (DW).

Главниот предизвик беше создавање на една кукла што претставува состојба каде што однесувањата значително се разликуваат од личност до личност, вели Нур Первиз, менаџерка за ангажирање на заедницата во организацијата Autistic Self Advocacy Network, која тесно соработувала со „Мател“ на прототипот на Барби.

Аутизмот се гледа како спектар

Нарушувањето на аутистичниот спектар е развојна состојба што влијае на начинот на кој луѓето комуницираат со другите, учат и се однесуваат.

Аутизмот се гледа како спектар, што значи дека секоја личност има уникатен сет на карактеристики. Присуството и сериозноста на овие карактеристики варираат и можат да се менуваат со текот на времето.

Спектарот не е права линија каде што луѓето се „повеќе“ или „помалку“ аутистични, како што се веруваше некогаш.

„Мател“ во соопштение за медиумите изјави дека целта била да се создаде Барби што одразува некои од начините на кои луѓето со аутизам можат да го доживеат и обработуваат светот околу нив.

Кои се карактеристиките на аутистичната Барби?

На пример, очите на новата Барби се малку поместени настрана за да го претстават фактот дека некои луѓе со аутизам понекогаш избегнуваат контакт со очите, велат од „Мател“.

Тимот, исто така, избрал фустан во А-крој со кратки ракави и лелеаво здолниште, што обезбедува помал контакт на ткаенината со кожата, бидејќи некои луѓе со аутизам носат лабава облека поради чувствителност на шевовите.

Секоја кукла доаѓа со розов „фиџет спинер“ што виси на прстот, слушалки со поништување на бучава и розов таблет, моделиран според уредите што некои луѓе со аутизам кои имаат тешкотии со говорот ги користат за комуникација.

Повеќе