Екраните и овие денешни деца. Често се жалиме и кукаме како не можеме да го решиме проблемот. Но, факт е дека тоа мора да го прифатиме.
Кога ќе ги прифатиме екраните какви што се и ќе се помириме со фактот дека тие се нашата сегашност, дека нашите деца практично се раѓаат со екрани и дека не можеме целосно да ги изолираме и одвоиме од нив, тогаш ќе разбереме како всушност да се позиционираме.
Клучно е да се постават правила. Правилата значат дека точно знаеме кога, како и до кој степен можеме да им дозволиме на децата да користат екрани – без оглед дали се тоа мобилни телефони или таблети.
Претерувањето и прекумерното попуштање (бидејќи е сигурно дека децата ќе го побараат тоа), може да биде лошо за детето. Цела серија статистички податоци покажале дека децата се сè полоши во многу области – моторни вештини, пишување, читање…
Една учителка, која има профил на Тик-Ток (@christysclassroom), во едно видео наведува на кои места би им забранила на децата да користат екрани. Таа вели дека во нејзините 19 години како наставничка, но и како мајка на две деца, зависноста од екраните кај децата е еден од најголемите проблеми со кои се соочила.
„Децата се на екраните дома, на екрани во јавност, а потоа доаѓаат на училиште и се повлекуваат, заостануваат“, вели таа, а факт е дека тоа одамна е утврдено со разни студии, како и она што го тврди и таа: „Зависноста од екранот е иста како и секоја друга зависност“.
Кристи е свесна дека е нереално да се очекува екраните да бидат целосно забранети за децата, но има некои места каде децата навистина не треба да го поминуваат времето пред екранот.
Еве кои се местата кадешто на децата би требало да им се забрани користење на екрани.
Во ресторани Ако имате немирно дете, дете кое има многу енергија, не е лесно да се смири додека сте во ресторан. А сепак, генерации и генерации пред нас успевале во тоа без екрани. Ако не успевале, си оделе дома. Но, она што е уште поважно од фактот дека не е добро да им се „тутне“ екран во рацете на децата е дека на овој начин се губи можноста детето да научи како да се однесува во ресторан, како да комуницира, а исто така, вака тоа нема да комуницира ниту со семејството со кое дошло во ресторанот.
Во продавници Понекогаш родителите му даваат на своето дете екран само за да спречат ситуации во кои детето ќе бара од нив ова или она, што потоа резултира со драма. Но, исто како и со рестораните, родителите ги пропуштаат можностите за учење.
Кога ќе им се даде можност на децата, тие можат да поставуваат прашања, да научат нешто ново, родителите да им кажат што да прават и како да го прават тоа…
Во автомобил Па, тоа може да предизвика бројни реакции кај родителите. Истите родители кои се гордеат со фактот дека издржале многу подолги патувања без екрани – затоа што ги немало. Добро, сега кога имаме шанса, понекогаш овие екрани навистина можат да ги „спасат“ долгите патувања, тоа е факт. Но, ако треба да со детето да отидат до град или да се возат до куќата на нивните баба и дедо и ќе поминат 15, 20 минути или половина час во автомобилот – не им треба екран.
Патувањето со автомобил е полно со можности за учење – сообраќај, сообраќајни правила, сообраќајна култура, пешаци, животна средина, природа, архитектура…
Во количка Ова ни стана нормално – дете во количка, кое има уште многу да научи, зјапа во екранот додека мама или тато го возат наоколу. Ова е дете кое апсорбира сè околу себе, а околу детето секогаш има можност за учење. Кога ќе го извадиме детето надвор, целта е детето да научи нешто, да го доживее светот, да ја промени средината. Кога ставаме екран пред тоа дете, тоа автоматски ја игнорира и не ја гледа околината.
Да, тоа е полесно отколку да играте игри со вашето дете, на пример, да препознавате бои или нешто слично. Но, поинаку нема смисла. Важно е да се запрашате – која е цената на тоа?