Не ги бакнувајте бебињата! Вирусот на херпесот може да биде смртоносен за малите деца
Мајка од Дери ги предупредува родителите да бидат внимателни со своите бебиња. Таа објаснува како нејзиниот син сега има оштетување на мозокот поради најобичниот вирус – херпес симплекс кој се пренесува преку бакнување, кивање или кашлање.
Аманда Сканлон, 39, од Дери, одлучила да се обиде да ја подигне свеста за навидум безопасниот вирус што предизвикал нејзиниот шестмесечен син Џед да развие оток на мозокот. Џед, кој сега има три години, страда од епилепсија и развојни пречки како резултат на инфекција со вирусот на херпес симплекс (HSV-1).
Џед напредуваше добро пред болеста, изјавила Сканлон за Irish Mirror. Денес може да оди и да јаде со прстите, но сè уште не зборува и редовно има напади ноќе.
„Апсолутно сме скршени“, вели таа. „Знаев дека може да биде опасно, но не знаев дека може да предизвика оштетување на мозокот.“
Според неа, ниту таа ниту нејзиниот сопруг никогаш немале херпес, но додава: „Не размислуваме од каде го добил вирусот, тоа не нè води никаде. Бебињата можат да го добијат вирусот ако некој кива или кашла во нивна близина. Мора да бидете многу внимателни.“
Поради сериозноста на состојбата на Џед, Аманда одлучила да го посвети својот живот на подигање на свеста за тоа колку овој вирус може да биде опасен за доенчињата. Таа ги споделува своите искуства на Тик-Ток.
Во еден пост, таа објаснува: „Џед се роди здрав и се развиваше нормално првите шест месеци, а потоа се разболе. Му беше дијагностициран вирусен енцефалитис, потенцијално фатален оток на мозокот, откако вирусот стигнал до мозокот преку ‘рбетниот мозок.“
Првиот симптом била температура
Една од најгледаните објави ја покажува хронологијата на настаните што довеле до дијагнозата. Преку серија фотографии, таа се присетува како Џед една недела добил висока температура, за која првично мислела дека се должи на никнување на заби. До вторник, тој не се чувствувал подобро, па докторот му препишал антибиотици за инфекција на увото и грлото.
Во среда, Аманда забележала дека неговата кожа е сивкаста, дека сè уште има висока температура и дека постојано повраќа. Итниот лекарски преглед завршил со хоспитализација.
„Штом стигнавме таму, почнаа да му земаат крв, му ставија катетер и веднаш му дадоа силни антибиотици“, се присетува таа. „Тој само лежеше таму неподвижен.“
Првичните тестови за сепса и бактериски менингитис беа негативни. Но, до четврток, Џед претрпел три тешки напади. Тогаш направиле лумбална пункција и зеле примерок од цереброспиналната течност за анализа.
„Резултатите стасаа 48 часа подоцна. Тие покажаа дека Џед имал вирусен енцефалитис“, вели Аманда.
Повеќе од 50 проценти од луѓето го носат вирусот херпес симплекс
Причината беше вирусот херпес симплекс (HSV-1), познат по грозниците на усните кој, според истражувањата, помеѓу 50 и 80 проценти од луѓето го носат во своите тела. Повеќето луѓе се заразени во детството, а вирусот потоа останува неактивен во телото. Може да се реактивира, најчесто за време на периоди на стрес или кога имунолошкиот систем е ослабен, и да предизвика грозница на усните. За повеќето возрасни, ова не е загрижувачко, но за новороденчиња и мали деца, вирусот може да биде исклучително опасен, особено ако стигне до мозокот.
Аманда сега ги повикува родителите да бидат свесни колку смртоносен може да биде херпесот за бебињата. Може да се пренесе преку бакнување, кивање или кашлање.
Вирусот на херпес симплекс може да биде исклучително опасен за доенчињата бидејќи нивниот имунолошки систем сè уште не е целосно развиен. Бебињата се најподложни на тешки херпесни инфекции во текот на првите четири недели од животот. Возрасните кои имаат грозница не би требало да го бакнуваат своето дете и треба да практикуваат добра хигиена на рацете во текот на негата за да се намали ризикот од пренесување на вирусот.