Недостатокот на протеини кај детето во развој може да го забави растот и негативно да влијае на когнитивните функции

Овој важен нутриент кај децата е потребен за развој на цврсти коски и мускули, за изградба на силен имунолошки систем и за регулирање на апетитот

33

Протеините се, слободно може да се каже, во тренд. Тие се појавуваат и се додаваат во сè, од житарки, јогурт и пудинзи до леб, смеса за палачинки и чоколадо. Но, дали знаете кој е соодветниот внес на протеини за децата во раст и дали му ги давате премногу на вашето дете?

Суштински елемент

– На децата им се потребни за развој на цврсти коски и мускули, за изградба на силен имунолошки систем, за регулирање на апетитот и за уште многу работи. На децата им се потребни протеини за да им помогнат на нивните тела да функционираат најдобро што можат и да им помогнат добро да се опорават по долг ден во училиште и по разни воннаставни активности – вели д-р Лук Ц. Радел, педијатар во клиниката Мајо.

Несоодветниот внес на протеини за време на периодот на развој може да го забави растот и негативно да влијае на развојот и на когнитивните функции.

– Недостатокот на протеини може да го ослабне имунолошкиот систем, што доведува до зголемена подложност на инфекции и болести. Покрај тоа, премалиот внес на протеини може да го забави закрепнувањето од повреди, операции или болести – објаснува д-р Стефани Џонсон, професорка на Одделот за клинички и превентивни нутриционистички науки на Универзитетот Рутгерс во Њу Џерси.

Колку навистина им е потребно

Со зголемената популарност и внимание што оваа хранлива материја ја добива во последниве години, можеби сте биле во искушение да го зголемите внесот на протеини во вашето семејство, иако тоа можеби воопшто не е потребно.

– Потребите за протеини на децата се помали отколку што мислат родителите. Децата до три години имаат потреба од околу 13 грама дневно, од три до осум години – околу 19 грама, од девет до 13 години околу 34 грама, додека момчињата од 14 до 18 години имаат потреба од 52, а девојчињата на иста возраст – 46 грама протеини.

Но, прашањето е колку и што е еден грам протеини. Генерално, 30 грама месо или сирење, едно јајце или една чаша млеко обезбедуваат околу седум до осум грама протеини, вели Сандра Васкез, регистриран диететичар од Њу Џерси. Таа додава дека лесен начин да се пресмета големината на порцијата е да се замисли дланката на вашето дете. Тоа е приближно вистинската големина за порција месо, живина или риба.

Важно е да се има предвид дека сите овие се приближни количини, бидејќи потребите на децата за протеини може да варираат во зависност од нивната возраст, градба и ниво на активност.

– Сепак, генерално, децата треба да имаат протеини во секој оброк, а околу една четвртина од нивната чинија треба да биде некаков извор на протеини. Ако вашето дете е пребирливо или се опоравува од повреда или операција, добра идеја е да вклучите протеини и во меѓуоброците – вели Радел.

Добри извори на протеини за деца

– Постојат многу одлични извори на протеини за деца, вклучувајќи јајца, млечни производи (млеко, сирење, јогурт, кефир), живина, риба и морски плодови, говедско и свинско месо, мешунки, семиња, јаткасти плодови и путер од јаткасти плодови и интегрални житарки. Бидејќи нивоата на протеини може да варираат во храната, како путер од јаткасти плодови или интегрални житарки, прочитајте ги етикетите на производите за да видите колку протеини содржат, советува Џонсон.

Некои состојби можат да предизвикаат недостаток

Повеќето деца добиваат доволно протеини од нивната исхрана. Сепак, има деца кои се на посебни диети и не внесуваат доволно.

– Некои состојби, како што се сензорните нарушувања или аутизмот, можат да предизвикаат децата да имаат многу рестриктивни диети кои немаат доволно протеини. Исто така, понекогаш веганските или вегетаријанските исхрани можат да го отежнат внесувањето доволно протеини, вели Радел.

Таа советува дека ако вашето семејство од која било причина следи посебна исхрана, разговарајте со вашиот педијатар за тоа за да бидете сигурни дека вашето дете ги внесува сите хранливи материи што му се потребни во соодветни количини.
Што ако вашето дете не внесува доволно протеини?

Ако здраво дете повремено внесува премногу протеини, тоа не е голема работа бидејќи неговото тело може да се справи со тоа сосема добро.

– Но, повеќе не мора да значи подобро кога станува збор за внес на протеини. Ако детето постојано внесува премногу протеини, тоа може да го изложи на ризик од оштетување на црниот дроб, камења во бубрезите или проблеми со варењето – предупредува Радел.

Друг проблем е кога протеините ги заменуваат другите намирници што им се потребни на децата за да бидат здрави и да имаат доволно енергија, како овошје и зеленчук, бидејќи тогаш може да им недостасуваат некои витални хранливи материи.

– Општо земено, не се препорачува да им се даваат на децата протеински додатоци, како што се шејкови и слично. На повеќето луѓе навистина не им се потребни протеински плочки или прашоци, само вистинска храна во порции што се соодветни за нивната возраст – вели Васкез.

Повеќе