Немој ти мене душо, злато, мило! Три скриени опасности од прекарите во врските

„Ако имате чувство дека прекарите ве тешат, но никој навистина не ве разбира, застанете. Понекогаш „душо“ не значи блискост, туку одвлекување на вниманието. Вистинската љубов вклучува и нежност и вистина – без криење“, вели психологот Марк Траверс.

49

Прекарите како „душо“, „злато“, „љубов“ или „мило“ честопати создаваат чувство на топлина и блискост и служат како приватен јазик меѓу партнерите. Во здрави врски, тие можат да поттикнат игра, да ги смират емоциите и да ја зајакнат врската. Но, понекогаш овие изрази на наклонетост маскираат вистински проблеми.

Наместо да одразуваат автентична блискост, тие можат да послужат како алатка за избегнување конфликти, контролирање или забрзување на приврзаноста кога емоционалната поврзаност сè уште не е изградена, вели психологот Марк Траверс.

Тој споделува три причини зошто прекарите во врската можат да бидат проблем.

Кога прекарите создаваат илузија на блискост
Нарекувањето некого „душо“ или „мило“, на почетокот на врската може да звучи нежно, но тоа чувство може да биде лажливо. Во нејасни односи или оние кои брзо се развиваат, прекарите можат да создадат привид на поврзаност пред таа всушност да постои.

    „Овие термини поттикнуваат чувство на приврзаност иако вашиот партнер можеби сè уште не го споделува своето вистинско емоционално јас. За некои, прекарите се начин да се смират стравовите од напуштање, додека други ги користат за да избегнат подлабока поврзаност. Ако забележите дека прекарите ја заменуваат вистинската блискост, преиспитајте ја ситуацијата“, вели Траверс за Psychology Today.

    Кога наклонетоста се претвора во омаловажување и исмејување
    Прекарите понекогаш се користат за да ги омаловажат нашите емоции или потреби. Наместо сериозно да ги сфаќа нашите чувства, вашиот партнер може да каже нешто како: „Само си уморен/уморна, душо“ или „Не ја мачи твојата слатка мала глава со тоа“, вели психологот.

      „Иако може да звучи нежно, всушност ве инфантилизира и ви дава до знаење дека вашите чувства не се важни. Овој начин на комуникација може да ве натера да се чувствувате претерано осетливо или ирационално. Кога прекарите се појавуваат најчесто кога изразувате незадоволство, можно е да служат како начин за избегнување емоционална одговорност“, објаснува тој.

      Кога прекарите стануваат емоционална дистракција или манипулација
      По расправија, наместо да водите вистински разговор, вашиот партнер ве обсипува со нежни прекари: „Сонце, немој да се лутиш“ или „Знаеш дека те обожавам, љубов“. Иако може да звучи слатко, ова однесување може да биде емоционално одвлекување на вниманието – начин да се смири тензијата без да се соочите со проблемот.

        „Наместо да зборувате за тоа што тргнало наопаку, нежноста се користи за да се избегне непријатност. Тоа не гради вистинска блискост; тоа го одржува изгледот на мир додека вистинските проблеми се кријат под тепих“, истакнува Траверс.

        Не се сите прекари манипулативни. Во сигурни врски, тие се спонтани, меѓусебно прифатливи и ја надополнуваат вистинската комуникација – а не ја заменуваат. Тие се јавуваат во моменти на блискост, не само по конфликт.

        „Ако имате чувство дека прекарите ве тешат, но никој навистина не ве разбира, застанете. Понекогаш „душо“ не значи блискост, туку одвлекување на вниманието. Вистинската љубов вклучува и нежност и вистина – без криење“, заклучува психологот.

        Повеќе