Синтетичките дроги стануваат сè поопасни, а со токсиколошките анализи е сè потешко да им се влезе во трага. Затоа експертите секојдневно се борат со илегалните лаборатории во кои се произведуваат овие супстанции.
Клиничкиот токсиколог Весна Мијатовиќ Јовин изјавила за РТС (Радио-телевизија Србија) дека последиците од нивната консумација можат да бидат и физички и психолошки, па дури и здрави млади луѓе можат да развијат шизофренија.
Експертите од здружението „Нео-Синапса“ од Нови Сад ја предводат борбата против психоактивните супстанции преку едукација на младите и родителите, превенција од зависност и зачувување на менталното здравје.
Според д-р Мијатовиќ Јовин, новите дроги се всушност синтетички соединенија со психоактивни ефекти, кои честопати не подлежат на контроли според стандардните меѓународни конвенции.
„Тие имаат разновидна хемиска структура, во голема мера ги имитираат ефектите на класичните дроги, но се посилни и поинтензивни. Лекарите се особено загрижени што ефектите на овие супстанции се непредвидливи“, предупредува докторката.
Како што објаснува таа, овие супстанции најчесто се продаваат преку интернет. Нивната намена не е наведена, но се дистрибуираат под имиња како „соли за капење“, „освежувачи на воздух“, „билен темјан“ и слично – што ги прави достапни дури и за адолесцентите, кои можат да ги купат од џепарлакот.
„Нелегалните лаборатории синтетизираат нови супстанции екстремно брзо, и додека законот успее да ги препознае и санкционира, тие веќе се користат масовно. Последиците за здравјето на младите луѓе се сериозни – од физички нарушувања до тешки ментални болести, како што е шизофренија кај претходно целосно здрави тинејџери“, заклучува Весна Мијатовиќ Јовин.