Ново откритие за домашните миленици: Кучињата ги штитат децата од честа болест – мачките, за жал, не!

Ако вашето дете расте со куче, можеби му правите поголема услуга отколку што мислите. Ново истражување покажува дека децата од домови каде што живеат кучиња имаат помал ризик од развој на астма и подобра функција на белите дробови. Сепак, интересно е што истиот заштитен ефект не е забележан кај децата кои растат со мачки.

16

Според новото истражување презентирано на Конгресот на Европското респираторно друштво во Амстердам, децата кои биле повеќе изложени на кучешки алергени во првите месеци од животот имале 48% помал ризик од развој на астма до петгодишна возраст.
Истражувачот Џејкоб Мекој од Болницата за болни деца во Торонто истакнува:

– Откривме дека изложеноста на кучешки алергени ја подобрува функцијата на белите дробови и го намалува ризикот од астма, додека алергените од мачки не покажаа ист ефект.

Како е спроведено истражувањето?
Научниците анализирале примероци од прашина од домовите на 1.050 канадски бебиња на возраст од 3 до 4 месеци. Прашината била тестирана за три алергени:

Can f1, протеин што се наоѓа во кучешко крзно и плунка
Fel d1, протеин што се наоѓа во мачкино крзно и плунка
ендотоксин, супстанца што се наоѓа на површината на бактериите.

Кога децата наполниле пет години, истражувачите повторно ја тестирале нивната белодробна функција и присуството на астма.

Резултатите покажале дека децата изложени на повисоки нивоа на кучешки алергени имале подобра белодробна функција и имале помала веројатност да развијат астма, особено ако имале генетски ризик од алергии. Децата кои биле повеќе изложени на кучешки алергени во првите месеци од животот имале 48% помал ризик од развој на астма до петгодишна возраст

Зошто кучињата штитат, а мачките не?

Точниот механизам сè уште не е познат, но научниците се сомневаат дека раното изложување на кучешки алергени може да го спречи развојот на чувствителност кон нив, можеби со влијание врз назалниот микробиом или имунолошкиот систем.

– Интересно е што, додека кучешките алергени можат да ги влошат симптомите на астма кај луѓе кои се веќе чувствителни, раното изложување на нив може да има спротивен ефект – да ги заштити – додава Мекој.

Потребни се повеќе истражувања

Според д-р Ерол Гајард, претседател на експертската група за педијатриска алергија и астма при Европското респираторно здружение, резултатите се охрабрувачки:

Астмата е најчестата хронична болест кај децата и една од водечките причини за итни приеми во болница. Доколку овие наоди се точни, тие би можеле да бидат добра вест за семејствата со кучиња. Сепак, потребни се повеќе истражувања за да се разбере како долготрајната изложеност на домашни миленици влијае врз развојот на белите дробови кај децата.

Авторите на студијата забележуваат дека резултатите треба да се сметаат за прелиминарни сè додека не се објават во научно списание.

Повеќе