Не мислев дека некогаш, ќе чувствувам таква непријатност додека гледам како ми доаѓаат во пресрет група деца или кога морам да поминам покрај некоја таква група.
Во последно време тоа се случува често. И не се тоа само група средношколци, сѐ почесто истото непријатно чувство го имам и кога се разминувам со групи основци.
Да не почнувам со она: Во мое време… Ама во мое време децата навистина не беа такви! Не се такви дури ниту оние од генерацијата по мојата, онаа на нашите деца.
Ама што е со овие последниве, од каде се изродија вакви, кои ги (не)воспита, кои ги запусти вака?!Дали ви се случило да се разминувате со некоја група деца и тие да ви дофрлат нешто како:
Оп, оп, женскаааа… и да ви скокнат пред велосипедот или да ја подадат раката додека ги поминувате само за да ве натераат да скршнете или да се исплашите дека ќе ве турнат…
А женската може не само мајка или тетка, може дури и баба да им биде. Мислам, теоретски…
Мене ми се случило неколку пати, но доволно за да ја чувствувам истата непријатност кога поминувам покрај чопор деца како онаа што ја чувствувам кога треба да поминам покрај чопор улични кучиња.
И не, не зборувам за деца од улица, зборувам за децата кои обично се во групи пред некое од училиштата во населби како Карпош и Центар, дотерани, стокмени, со брендирани патики и ранци, деца кои мислат дека е кул да зборуваат меѓусебе англиски, а главно си се обраќаат со „bitch“ или со „bro“!
А само да им ги слушнете муабетите…ќе се засрамите!
Утрово поминав со велосипедот покрај повеќе мали групи на деца, оние од по двајца-тројца, кои обично не се задеваат, бидејќи се премалку за да се покажуваат кој е „пофраер“ еден пред друг, ама фатив неколку реченици кои ми оставија горчлив вкус во устата.
На пример, одат пред мене некое девојче и момче на отприлика 11-12 години, веројатно брат и сестра и девојчето зборува на телефон, веројатно со некој од родителите и се жали на распоредот и на соучениците.
„Да бе, ме ставиле мене со тие клошарите и со таа шиптарката“!
Момчето дофрла: „Да се е… сите, да им е… сѐ по список“!
Ги поминувам нив и наидувам на две момчиња на приближна возраст:
„Јас си купив патики од оние …. (не разбрав баш од кои, ама беше некој добар бренд очигледно), нека им паднат вилиците сега на сите“!
„Така бе брат!“ – изреагира другото момче и едвај се помрдна настрана за да поминам покрај него.
А да не раскажувам за сите други групи кои ги сретнував патем, какви врисоци, пцовки и муабети, како од ријалити шоу слушнав, што ми дојде да повратам и да се запрашам, што ќе биде со овие деца за едно 10 години, со што ќе се занимаваат, што ќе бидат и како ли зборуваат нивните родители дома кога тие зборуваат вака на улица.
И си велам, мене страв ме фаќа да се разминам со нив, а како ли им е на наставниците кои мора да бидат во истата училница со деца кои повеќе и не изгледаат како деца иако уште не завршиле основно училиште.
Ако си велите, па добро де, не се сите такви, ете два-три примери само кажувате, веднаш да ви објаснам дека ова беа само онака, патем и во лет фатени муабети, на кратко растојание едни од други.
А замислете си да тргнете со цел и да ги запишувате „разговорите“ помеѓу сите деца кои ќе ги сретнете патем!!!
Страв ми е и да помислам на тоа.
Чии се овие деца???
Како и да е, среќен прв училишен ден на сите!