Опаснa маст можe да предизвика Алцхајмерова болест, рак, мозочен удар: Започнува во 40-тите и 50-тите, 15 години пред првите симптоми
Средовечните лица кои имаат висцерална маст што ги опкружува внатрешните органи во стомакот може да бидат изложени на поголем ризик од развој на Алцхајмерова болест. Овие масни наслаги може да предизвикаат промени во мозокот поврзани со Алцхајмерова болест до 15 години пред да се појават симптомите. Инаку, дури и слабите луѓе можат да имаат висцерална маснотија
Маснотијата видлива за окото, салото што го гледаме на стомакот често физички ни пречи или прави да се чувствуваме непријатно во сопствената кожа. Но, освен ова сало, постои и невидливото, односно стомачното сало, чиј вишок ги обвива нашите органи. Неодамна, истражувањата открија зошто ова ткиво е опасно за нашето здравје. Покрај силната поврзаност со здравствените проблеми како што се одредени видови на рак, мозочен удар и дијабетес тип 2, висцералните масти се покажаа како еден од предикторите за уште една болест. Имено, средовечните лица кои имаат висцерална маст што ги опкружува внатрешните органи во стомакот може да бидат изложени на поголем ризик од развој на Алцхајмерова болест. Овие масни наслаги може да предизвикаат промени во мозокот поврзани со Алцхајмерова болест до 15 години пред да се појават симптомите на невролошката болест.
Иако постојат студии кои го поврзуваат БМИ – индекс на телесна маса (Body Mass Index – BMI) со атрофија на мозокот или дури и поголем ризик од деменција, ниту една претходна студија не поврза одреден тип на маст со вистинскиот протеин на Алцхајмерова болест кај когнитивно здравите луѓе, вели Махса Долатшахи, постдокторски истражувач.
Споменатата студија покажала дека луѓето во нивните 40-ти и 50-ти години со повеќе скриени масти на стомакот имале повеќе абнормален протеин наречен амилоид во делот од мозокот кој е едно од најраните места каде што се јавува Алцхајмерова болест.
Има и полова разлика, каде што мажите имале поголема врска меѓу стомачните масти и амилоидот од жените, изјавил професорот по радиологија, д-р Сајрус Раџи, додавајќи дека мажите имаат повеќе висцерални масти од жените.
Атрофија на мозокот
Студијата, исто така, открила врска помеѓу длабоките стомачни масти и атрофијата на мозокот, губењето на сивата материја во дел од центарот за меморија на мозокот наречен хипокампус.
Атрофијата на мозокот е уште еден биомаркер на Алцхајмеровата болест, изјавил проф. д-р Раџи.
Хипокампусот содржи најголем дел од мозочните клетки кои му кажуваат на телото што да прави. Во централниот дел на мозокот има бела материја направена од нервни влакна кои излегуваат од нервните клетки на сивата материја.
Во истражувањето откривме дека индивидуите со поголеми количества висцерална маст имаат поголемо воспаление кај раширени траги од бела материја во мозокот, вели д-р Махса Долатшахи, додавајќи дека без функционална бела материја, мозокот не може соодветно да комуницира со различни делови од мозокот и телото.
Како ова истражување може да помогне во дијагностицирањето на Алцхајмерова болест
Истражувачите рекле дека наодите би можеле да укажат на патот до порано откривање на Алцхајмерова болест кај ризичните популации.
Без разлика на телесната тежина, луѓето треба да откријат дали имаат скриени висцерални маснотии, што лесно може да се пропушти ако користиме само индекс на телесна маса (БМИ) и вага, изјавил Раџи.
Имено, и послабите луѓе можат да имаат вишок висцерална маснотија. Исто така, луѓето кои вежбаат, а сепак имаат исклучително лоша исхрана, не се ослободени од оваа форма на поткожно масно ткиво. И одредени етнички групи како Азијците се поподложни на овој проблем.
Губење на висцерална маснотија
Добрата вест е дека висцералните маснотии добро реагираат на одредени обрасци на исхрана, односно се намалуваат или исчезнуваат.
Полесно е да се губат висцералните маснотии преку исхрана и вежбање отколку да се изгуби поткожна маснотија бидејќи висцералните маснотии полесно се метаболизираат и согоруваат, изјавил д-р Раџи.
Постојат неколку методи кои ќе делуваат ефикасно за да ја изгубите оваа маст.
Јадете здрава исхрана и вежбајте редовно, што треба да вклучува неколку пати неделно тренинзи за зајакнување на мускулите, додека согорувате масти, помалку интензивни кардио вежби од 45 до 60 минути, неколку пати неделно, предлага д-р Ричард Исаксон, превентивен невролог.
Покрај горенаведеното, обидете се да ја намалите или елиминирате ултра-обработената храна, да ја намалите големината на порциите што вообичаено би ги јаделе, заменете ги зашеќерените и газираните пијалаци со обична вода, намалете го внесот на преработено месо.
Внимавајте на внесот на алкохол, бидејќи не води само пивото до таканаречениот пивски стомак, советува клиниката Мајо.
Конечно, обезбедете му на вашето тело квалитетен и доволно долг сон што навистина му е потребен на нашиот мозок.