Во анкетата спроведена во април 2025 година на 2.000 членови на генерацијата Зед од страна на компанијата „Joi AI“, осум од десет испитаници рекле дека би ја разгледале можноста да се оженат или омажат со партнер кој е ВИ (вештачка интелигенција). Огромни 83 проценти рекле дека веруваат дека можат да остварат длабока емотивна поврзаност со таков партнер.
Инаку, генерацијата Зед се оние родени помеѓу 1997 и 2012 година, по генерацијата Миленијалци.
Компанијата „Joi AI“ моментално работи на партнерства со вештачка интелигенција. На својата веб-страница, корисниците можат да разговараат со однапред креирани „ликови“ или да создадат свои. Компанијата ги нарекува овие врски „AI-lationships“.
„Овие типови врски не се наменети да ги заменат вистинските човечки односи“, изјавила за Mashable Џејми Бронштајн, терапевтка и експертка за врски во „Joi AI“, додавајќи дека „овие типови врски обезбедуваат посебен вид емоционална поддршка што може да ја подобри целокупната емоционална благосостојба“.
Клиничкиот невропсихолог Шифали Синг, директорка за дигитални когнитивни истражувања во болницата Меклин и Харвард, објаснила дека не е изненадувачки што младите луѓе веруваат дека можат да формираат длабока врска со вештачка интелигенција.
„Некои од моите истражувања покажаа дека луѓето со социјална анксиозност претпочитаат дигитални алатки затоа што не се плашат од осуда, особено преку социјалните мрежи“, рекла таа.
„Младите луѓе можеби размислуваат: Подобро да разговарам со вештачка интелигенција која нема да ме осудува отколку со луѓе кои го прават тоа постојано“, рекла Синг, додавајќи дека младите луѓе се толку навикнати на постојана евалуација, коментари и критики што вештачката интелигенција е „безбедна зона“ за многумина.
Друга причина зошто луѓето се поврзуваат со вештачката интелигенција е желбата за емпатија. „Вештачката интелигенција го имитира вашиот јазик и начин на размислување, па затоа делува како вистински емоционален одговор. Луѓето поради тоа чувствуваат поврзаност затоа што добиваат поголема емпатија отколку што би добиле во реалниот живот“, вели Синг.
Но, постојат ризици. Шифали Синг, исто така, предупредува и на опасноста од „трол фарми“ – организирани групи на Интернет кои ги охрабруваат и зајакнуваат погрешните уверувања на корисниците.
„Мора да бидеме внимателни бидејќи вештачката интелигенција не создава нови идеи – таа само го повторува и обработува она што ѝ е дадено. Ако ѝ дадете идеја, таа ќе ја развие до крајност“, вели Синг, забележувајќи дека вештачката интелигенција може да биде „нахранета“ со дезинформации, исто како што прават хакерите.
Иако ја користи во својата работа, Синг вели дека понекогаш вештачката интелигенција навистина може да помогне – на пример, кај постари луѓе кои бараат друштво или со луѓе кои имаат агорафобија (страв од отворени простори). Во такви случаи, разговорот со вештачка интелигенција може да помогне во ублажување на чувството на изолација или депресија.
Проблемот започнува кога луѓето престануваат да сакаат вистински контакт, на пример кога откажуваат вечера со пријатели затоа што претпочитаат да разговараат со вештачка интелигенција. Ова, според неа, ја продлабочува анксиозноста.
Што се однесува до податоците за бракот со вештачка интелигенција, таа верува дека младите луѓе го гледаат бракот како застарена институција и бараат поголема независност.
Организацијата „Common Sense Media“ неодамна издаде предупредување, наведувајќи дека партнери базирани на вештачка интелигенција не се безбедни за лица под 18 години, бидејќи предизвикуваат емоционална зависност. Иако сите членови на генерацијата Z сега се возрасни, последиците од ваквите врски сè уште не се целосно познати. Постојат извештаи за луѓе кои почнале да веруваат во духовни заблуди откако разговарале со Chat GPT.
Сепак, и покрај ризиците, многумина веројатно ќе продолжат да создаваат и да разговараат со своите партнери со вештачка интелигенција. „Понекогаш е убаво да имаш некого – дури и ако е вештачка интелигенција“, заклучува Бронштајн.