Прашајте ги што знаат, што мислат за тоа, како се чувствуваат… МОН испрати совети за родителите по кочанската трагедија
Како родители, природно е да се чувствувате вознемирени и несигурни за тоа како да разговарате со вашите деца за кризната состојба на која моментално сме сведоци. Важно е да знаете дека децата се вртат кон своите родители за поддршка и за да се чувствуваат безбедно. Ова важи за сите деца, за малите, адолесцентите или дури и за младите возрасни, се вели во соопштението од МОН.
Министерството за образование и наука испрати совети за тоа како родителите треба да разговараат со децата и да им го објаснат трагичниот настан од дискотеката во Кочани, кадешто загинаа 59 лица. Овие совети МОН ги испратило до сите училишта, а тие преку Советите на родители, ги споделиле до сите што имаат школски деца.
Имено, во трагедијата беа жртви и деца на возраст од основно училиште, односно, од 14 години па нагоре, деца кои преку своите телефони веќе се информираат самите и сигурно е дека се во шок.
Како родител, природно е да се чувствувате вознемирени и несигурни како да разговарате со вашите деца за атуелната кризна состојба на која моментално сме сведоци.
Важно е да знаете дека децата се вртат кон своите родители/негуватели за поддршка и за да се чувствуваат безбедно. Ова важи за сите деца, без разлика дали се тоа мали деца, адолесценти или дури и млади возрасни.
Подолу можете да прочитате неколку кратки совети кои ќе им помогнат на вашите деца да се справат со последиците од трауматскиот настан:
Уверете ги децата дека се безбедни. Истакнете дека сте тука за нив, дека се сега на сигурно и дека службите работат за да се справат со ситуацијата.
Одржувајте ја редовната рутина на децата и занимавајте се со активност што ги смирува. За децата е важно да знаат дека се на сигурно и дека постојат работи што ги прават и со кои можат сами да си помогнат. Тоа ја гради вербата во нивната способност да се справуваат и може да ги направи нивните емоционални реакции помалку интензивни. Понудете им избор за некоја активност и приклучете им се доколку можете.
Започнете разговор и слушајте ги внимателно без да ги прекинувате. Имајте на ум дека децата веќе слушнале нешто за настанот. Прашајте ги што знаат, што мислат за тоа, како се чувствуваат за тоа што се случило и потврдете дека нивните реакции се нормални и очекувани. Уверете ги за нивната безбедност и вклученоста на различни групи од општеството во справување со настанот.
Ограничете го времето поминато со вести за настанот и внимавајте со информациите кои ги споделувате на социјалните мрежи. Постојаното изложување на медиумски содржини може да ги зголеми вашите и нивните грижи и стравови. Споделувањето информации може да придонесе за нејаснотии или ширење непроверени податоци што може да направат штета. Придржувајте се до потврдени информации од релевантни извори. Од суштинска важност е да се работи на справување со вознемиреноста кај децата. Важно е на децата да им се укаже дека станува збор за несреќен случај, кој е изолиран и не треба да се генерализира во колективна и постојана опасност.
Особено е важно како родители да се воздржувате од споделување вознемирувачки вести и фотографии во групите формирани на ниво на училиште. На овој начин може да се превенираат штетните ефекти од шпекулациите и непроверените информации што наредните денови ќе се пласираат во јавноста (вознемирувачки информации, детали и фотографии).
Бидете пример за вашите деца за тоа како може да се справуваат со стресни искуства. Придржувајте се кон проверени информации од службите, внимавајте како зборувате за темата, уважете ги очекуваните емоции од стресните настани и одржувајте го вашиот редовен распоред колку што можете повеќе за одново да воспоставите чувство на контрола и сигурност.
Доколку некои деца чувствуваат потреба повеќе да разговараат во врска со овие случувања или се повеќе вознемирени, упатете ги до училишниот психолог или друго стручно лице.