Просечен родител се чувствува како промашен 156 пати годишно

Иако родителството е полно со смеа, љубов, среќа и има многу моменти што ги доживуваме како награди и кога се чувствуваме горди, останува фактот дека има толку многу моменти кога се чувствуваме како целосно да сме промашиле… Еве точно колку!

20

Родителството е едно од најубавите, но и најпредизвикувачките искуства во животот. Има многу смеа, многу прегратки и слатки моменти, многу спомени што сакате да ги зачувате засекогаш во вашето срце. Сепак, нема да се лажеме, тоа е и тежок период, полн со оние моменти кога мислиме дека сме едноставно најлошите на светот и ништо не може да нè убеди дека сè што правиме не е целосен неуспех.

Дали некогаш сте се запрашале колку често се случува тоа?

Па, едно ново истражување се обиде да ги „изброи“ таквите моменти – кога чувствуваме дека сме целосно неуспешни како родители. И тоа истражување откри бројка што ја покажува оваа помалку убава и весела реалност на родителството. Во просек, три пати неделно родителите си го поставуваат прашањето „Дали сум лош родител?“ и се чувствуваат како целосен неуспех. Три пати неделно, што би значело дека ова е околу 156 пати годишно. Хмм, не сме сигурни дали ова е всушност малку? Колку и да е голема таа бројка, ни се чини дека може да биде уште поголема!

Или е само чувство? Во секој случај, оваа студија е спроведена меѓу 2.000 родители на деца до 11 години во САД. Иако студијата е американска, резултатите зборуваат на универзален јазик – речиси секој родител се сомнева во себе во одреден момент, особено кога се акумулирани исцрпеност, стрес и несоница.

Стрес, вина и чувство дека не сме доволно добри

За многу родители, најтешките моменти доаѓаат во навидум обични ситуации – кога детето не сака да се подготви за спиење, кога сме премногу уморни за уште едно „зошто“ или кога планираниот семеен излет тргнува наопаку. Ваквите моменти не се невообичаени – повеќето родители се соочуваат со две ситуации неделно во кои едноставно не знаат што да прават. Сепак, она што го покажа оваа студија е дека главниот извор на стрес се парите. Дури 42 % од родителите ги наведоа финансиските проблеми како најголем предизвик.

Веднаш по ова следува немањето време за себе (34 %) и обидот да се балансираат работните и семејните обврски (34 %). Покрај сето ова, без разлика колку однапред знаат за родителството, речиси половина од родителите признаваат дека родителството е многу понапорно отколку што очекувале, а многумина се засрамени затоа што им е потребна помош или затоа што сакаат помош – особено кога станува збор за одгледување или комуникација со нивното дете.

Мајките и родителите од генерацијата З носат поголем товар

Дури 41 % од родителите веруваат дека тие носат поголем дел од родителските одговорности во споредба со нивниот партнер. Ова чувство е најизразено кај мајките и родителите од генерацијата З, каде што речиси секое второ лице (45 %) чувствува дека повеќе „влече“.

Интересно е што родителите од помладите генерации се тие што почесто кријат колку им е тешко – 47 % од родителите од генерацијата З признаваат дека не ги споделуваат своите борби со никого. Од друга страна, милениумците се поотворени, а само 25 % од нив ги кријат своите родителски предизвици.

За жал, причината за тишината е често стравот од осуда. Четвртина од родителите сметаат дека нивните сопствени родители, партнери и пријатели ги осудуваат кога искрено зборуваат за своите тешкотии. И ова ги спречува да бараат поддршка во иднина.

И покрај сè – смеа

Истражувањата фрлаат светлина и врз друг податок: родителите, во просек, се смеат со своите деца дури 12 пати на ден. Таа смеа, тие прегратки и малите моменти на блискост нè потсетуваат зошто се обидуваме – и колку вреди родителството, и покрај сè.

Сè на сè, родителството не е ниту бајка ниту неуспех – туку цел спектар на емоции, со подеми и падови.

И додека 156 пати годишно може да се чувствуваме како да не знаеме што правиме, секој од тие сомнежи само покажува колку ни е грижа. И не сме сами во тоа.

Повеќе