Работниците како сопственици: Утопија или реална иднина?
Младите ја отвораат темата за демократска економија и форумот во организација на Здружението АРНО од Македонија и Институтот за економска демократија од Словенија, кој ќе се одржи на 19-ти овој месец (јуни), ќе постави важни прашања како: Дали е можно вработените да бидат и сопственици на фирмите? Каква работна култура посакуваат младите? Каква би била економијата ако функционира според демократски принципи?
На 19 јуни 2025 година (четврток), во просториите на Europe House Skopje ќе се одржи Младински форум за економска демократија и сопственост од страна на вработените, отворен за сите што се залагаат за фер економија, праведни работни односи и поголемо учество на вработените во донесувањето одлуки во компаниите.
Настанот го организираат Здружението АРНО од Македонија и Институтот за економска демократија од Словенија, кој е водечка регионална институција во истражувањето и промоцијата на алтернативни економски модели како што е ESOP (Employee Stock Ownership Plan) – систем во кој вработените стануваат делумни сопственици на компанијата во која работат и активно учествуваат во нејзиното управување.
Што ако вработените не се само работна сила, туку и сопственици?
Младите ја отвораат темата за демократска економија, а форумот ќе постави важни прашања како: Дали е можно вработените да бидат и сопственици на фирмите?
Каква работна култура посакуваат младите?
Каква би била економијата ако функционира според демократски принципи?
Посебен интерес предизвикува настапот на Себастјан Пикл од Институтот за економска демократија од Словенија, кој вели:
„Работничкото косопствеништво не е утопија, туку реалност која веќе функционира во развиените економии. Во САД, преку ESOP моделите, над 14,7 милиони луѓе се косопственици на компаниите во кои работат, а во Велика Британија веќе постојат речиси 2.000 такви компании. Словенија е пред усвојување на Закон за работнички сопственички задруги, со кој ќе се овозможи полесен пренос на сопственоста во малите и средни претпријатија – особено сега кога 40% од сопствениците се подготвуваат да ја пренесат сопственоста, а 66% немаат наследствен план. Горди сме што го носиме ова искуство во Скопје заедно со АРНО, за да отвориме простор за нови идеи за иднината на трудот и сопственоста.“
Промена на фокусот: Од профит – кон фер управување
Стефани Пренкова од АРНО посочува дека социјалното претприемништво во регионот често се гледа само низ призма на реинвестирање на профитот, но ретко се анализира прашањето – кој носи одлуки и како:
„Со овој проект сакаме да отвориме простор за градење на одржливи и праведни управувачки структури во социјалните претпријатија. Интересно е што кај нас најголем интерес за моделот доаѓа од ИТ стартапите, каде тимови на пријатели бараат начин да изградат фер структура за сите.“
На настанот ќе учествуваат и говорници од Македонија – професори, активисти, правници, пратеници и претставници од бизнис заедницата. Форумот е бесплатен, работниот јазик е англиски, а местата се ограничени, па доколку сакате да присуствувате треба да се регистрирате на овој линк за пријава.
Настанот е дел од проектот „Обликување на иднината на трудот: младинска демократска работна средина за општествени промени“, финансиран од Еразмус+ програмата на Европската Унија, со фокус на промоција на социјални иновации и демократско управување.