Реорганизација на мозокот во бременоста: Мозочното скенирање открива големи промени кај трудниците и мајките

Магнетните резонанци на мозокот направена пред зачнувањето до две години по раѓањето покажуваат некои краткотрајни промени во мозокот на жената, но и некои кои траат со години

67


За прв пат се забележани длабоките промени кои го зафаќаат човечкиот мозок за време на бременоста, откако истражувачите извршија прецизни скенирања на жена додека го носи своето дете.

Скеновите со магнетна резонанца направени на секои неколку недели од пред зачнувањето до две години по породувањето открија широка реорганизација во мозокот на мајката, со некои краткотрајни промени, но и некои кои траат со години.

Овој труд на еден независен експерт, опишан како „навистина херојски“, го отвора патот за многу подлабоко разбирање на мозокот на мајката во бременоста.

Сега се собираат дополнителни скенови од други бремени жени за да се откријат ризиците од постнатална депресија, линкот помеѓу прееклампсија и деменција и зошто бременоста може да ги редуцира мигрените и симптомите на мултиплекс склероза.

Научниците направиле 26 скенирања на мозокот на здрава 38-годишна жена која зачнала преку ИВФ и истовремено ѝ земале примероци од крв за да го следат драматичниот скок на хормоните за време на бременоста.

Податоците откриле како се менувал мозокот, од недела во недела.

Најочигледно било постојаното намалување на сивата материја, збрчканата надворешна површина на мозокот, во текот на бременоста и привремениот пик на нервната поврзаност на крајот од вториот триместар.

„Мозокот на мајката поминува низ оваа кореографирана промена во текот на бременоста и конечно можеме да го набљудуваме процесот во реално време“, вели професорката Емили Џејкобс, истражувач на студијата на Универзитетот на Калифорнија, Санта Барбара.

Научниците претходно направиле снимки од женскиот мозок во различни периоди од бременоста, но најновиот труд покажува дека тие можат да ги пропуштат привремените промени кои се враќаат во нормала до моментот кога жената ќе се породи.

Пишувајќи во Nature Neuroscience, водечкиот автор, Лаура Причет и нејзините колеги опишуваат како зголемените хормони, како што се естрогенот и прогестеронот, предизвикуваат значителни физиолошки промени во бременоста, кои влијаат на крвната плазма, метаболизмот, потрошувачката на кислород и имунитетот.

Истите хормони го редефинираат мозокот.

За да разберат повеќе, истражувачите користеле прецизна магнетна резонанца за да го скенираат мозокот на д-р Елизабет Крастил, колешка од калифорнискиот Универзитет во Ирвин.

Таа била скенирана пред зачнувањето, за време на бременоста и две години по раѓањето на нејзиниот син во мај 2020 година.

„Тоа беше доста интензивен потфат“, рекла Кристил, но додала дека не се чувствувала особено поинаку во бременоста.

„Некои луѓе зборуваат за „мозокот на мумија“ и слични работи, а јас навистина не доживеав ништо од тоа“.

Скенирањето открило широко распространето намалување на волуменот и дебелината на сивата материја, особено во регионите кои се вклучени во социјалното сознание.

Микроструктурата на белата материја, мерка за поврзувањето на мозокот, го доживеала пикот на крајот на вториот триместар пред да се врати надолу.

Цереброспиналната течност и мозочните шуплини познати како комори се прошириле.

Промените се поврзани со зголемувањето на нивото на хормоните.

„Понекогаш луѓето се наежуваат кога ќе слушнат дека волуменот на сивата материја се намалува во бременоста“, вели Џејкобс.

„Оваа промена веројатно го одразува финото прилагодување на нервните кола, за разлика од кортикалното разредување што се случува за време на пубертетот“.

Истражувачите го споредиле процесот со градењето на скулптурата на Давид на Микеланџело од мермерен блок.

Студијата не ги објаснува однесувањата или емоциите кои се јавуваат во бременоста, а во игра се и многу фактори освен хормоните, како што се стресот и губењето на сонот.

Но, некои промени во мозокот сè уште биле присутни и две години по породувањето, што укажува на клеточни промени во органот.

„Овој труд навистина отвора повеќе прашања отколку што дава одговори“, вели Кристил. „Ние всушност само што ја загребавме површината“.

Трудот го означува почетокот на Проектот за мајчиниот мозок, меѓународен напор да се соберат слични скенирања од повеќе бремени жени.

Џејкобс вели: „Има толку многу за невробиологијата на бременоста што сè уште не го разбираме и тоа не е затоа што жените се премногу комплицирани, не е затоа што бременоста е некој Гордиев јазол, тоа е нуспроизвод од фактот дека биомедицинските науки историски го игнорирале женското здравје“.

Џина Рипон, професорка на Универзитетот Астон во Бирмингем, Англија, вели дека тоа е „навистина херојски“ проект, додавајќи: „Податоците од оваа студија илустрираат колку многу сме пропуштиле“.

Д-р Ен-Мари де Ланге, водач на групата FemiLab во универзитетската болница во Лозана, ја нарекла работата „фасцинантна“.

„Овој пристап не само што ќе ни помогне да ја мапираме невропластичноста на мајката, туку и да идентификуваме маркери кои укажуваат на ризик за постпородилна депресија, сериозна состојба која често не се лекува“, вели таа.

Повеќе