Се обидувале 18 години, сега чекаат бебе благодарение на вештачката интелигенција

Постојат реченици кои се кажуваат тивко со години, без надеж дека некој ќе знае колку многу ги боли: „Сè уште ништо… се обидуваме.“ Постојат парови кои ги бројат своите плодни денови со месеци, година по година одат на прегледи, процедури, терапии – и се враќаат дома со празни раце, но со срце полно со надеж кое сè уште чека. Ова е приказна за еден таков пар

199

Години надеж, разочарување, тишина и нови обиди. Поминале осумнаесет години откако првпат рекле: „Би сакале да имаме дете.“ Оттогаш – бројни клиники, безброј тестови, хормонски терапии, ин витро оплодување и експерти кои се обидувале да ја пронајдат причината и да понудат решение. Но, секое откритие, секој обид и секоја надеж биле прекинати од истата дијагноза – азооспермија.

Машка неплодност и азооспермија

Азооспермијата е една од најтешките состојби кога станува збор за машка неплодност. Тоа не значи само дека бројот на сперматозоиди е низок – тоа значи дека ги нема воопшто во примерокот од сперма. Нема. Ниту под микроскоп, ниту по часови пребарување. Сепак, научниците од Универзитетот Колумбија решиле да бараат она што човечкото око не може да го види. И успеале.

Двојка која речиси ја изгубила сета надеж сега го очекува своето прво бебе. Крајниот рок е во декември.

– Немавме големи надежи. Сакавме само да пробаме уште еднаш, без надеж, без планови. Кога ми кажаа дека сум бремена – ми требаа два дена за да поверувам. Сè уште се прашувам секое утро дали е ова вистина – вели жената во својата исповед за CNN.

Вештачката интелигенција го нашла она што луѓето не можeле: три клетки кои промениле сè

На прв поглед, тоа беше само уште еден обид. Уште еден примерок, уште едно чекање. Но, овој пат, имала улога вештачката интелигенција, преку иновативен метод наречен STAR – Sperm Tracking and Recovery (Следење и обновување на спермата).

Во пракса, овој метод функционира со поставување на примерок од сперма на специјално дизајниран чип, поврзан со микроскоп, камера со висока резолуција и алгоритам со вештачка интелигенција кој ја препознава формата и однесувањето на сперматозоидите. За само еден час, системот прави повеќе од 8 милиони слики и ги анализира во реално време.

Резултатот? Таму каде што ембриолозите барале со денови – вештачката интелигенција нашла три скриени клетки.

И токму овие три клетки, речиси невидливи, биле искористени за оплодување на јајце клетката и – бременоста била потврдена.

– Во една од првите анализи, нашите техничари го испитуваа примерокот два дена без успех. Кога го вклучивме STAR, тој пронајде 44 сперматозоиди за еден час – објаснува д-р Зев Вилијамс, директор на Центарот за плодност на Универзитетот Колумбија и лидер на тимот што го развил овој метод.

– Веднаш знаевме дека ова ќе промени сè.

Кога здравиот изглед не значи плодност

Една од најтешките работи во врска со азооспермијата е тоа што таа не е видлива – ниту надворешно, ниту преку симптоми. Повеќето мажи со оваа дијагноза изгледаат сосема здрави, имаат нормална сексуална функција, а ејакулатот изгледа типично. Но, под микроскоп – празнина. Без клетки. Само фрагменти, без живот.

Досега, единствениот начин да се обиде да се пронајдат сперматозоиди кај овие пациенти биле инвазивни методи: хируршко земање примерок директно од тестисите. Болно, ограничено, со ризик од трајно оштетување. Некои парови се откажуваат поради ова и се свртуваат кон донирани клетки.

Но сега, STAR нуди нешто сосема друго – неинвазивен, нежен, но исклучително прецизен метод.

Вештачката интелигенција не лекува и не заменува

Во ера кога вештачката интелигенција менува сè – од медицината до секојдневниот живот – таа сега има улога во најинтимната борба: борбата за живот што сè уште не е започнат. ВИ не создава сперма. Не го „лечи“ стерилитетот. Но, дава шанса таму каде што дури и најдобрите експерти рекле: „Не можеме повеќе“.

– Неплодноста не е нов феномен. Тоа е древен проблем, стар колку и човештвото. Но, сега ја имаме најнапредната технологија – вели д-р Вилијамс.

– Вештачката интелигенција не ги заменува луѓето – таа им помага да го видат она што окото не може. Тоа е вистинската моќ на ова.

Бидете нежни со оние што молчат

Во приказната на овој пар, ништо не било брзо. Осумнаесет години. Неуспешни процедури. Љубезни лекари кои ги креваат рамената. И тишина. Таа тишина, во која се раѓа чувство на срам, неуспех, пораз – особено кај мажите кои ретко зборуваат за неплодност. А токму машкиот фактор е присутен во речиси 40% од случаите.

Затоа оваа приказна има посебна вредност. Не само затоа што завршува со бременост, туку затоа што отвора врата кон нови можности. STAR моментално е достапен само на Колумбија, но планот е да се објават резултатите и методот да се направи достапен и за други клиники низ целиот свет.

Постапката, според д-р Вилијамс, чини околу 3.000 долари, вклучувајќи анализа, пребарување и складирање на клетки за идно оплодување.

Технологијата не ги менува луѓето – таа ја надополнува човечката надеж

Вештачката интелигенција често предизвикува страв. Дека ќе ги замени лекарите. Дека ќе прави грешки. Дека ќе го изгуби она што е „човечко“. Но, тука, токму ова „нечовечко“ го донесе најчовечкото: дете кое ќе дојде на свет по две децении чекање.
Можеби детето кое доаѓа еден ден ќе открие колку било посакувано. Можеби не. Но, она што останува запишано е фактот дека технологијата не ја заменила љубовта, ниту лекарите, ниту верата – таа само им помогнала. Им дала нова сила. Ги зголемила шансите таму каде што немало.

Повеќе