Сè што треба да знаете за никнувањето на забите

Од знаците за никнување на забите до безбедни начини за смирување на болката кај вашето бебе, еве што треба да знаете за никнувањето на млечните заби.

23

Иако секоја фотографија од бебе е слатка, ова особено важи за фотографијата од вашето малечко кое го покажува својот прв заб. Но, до таа голема пресвртница не е лесно да се стаса. Никнувањето на забите е синоним за многу нервоза, плачење и непроспиени ноќи. Прочитајте понатаму за да дознаете сè што треба за никнувањето на забите.

Кога почнуваат да им никнуваат заби на бебињата?

Типично, првите заби излегуваат на околу шест месеци, но можат да почнат да им никнуваат во кој било период од шест до 13 месеци.

Нервозата за време на оброците и тешкотиите со заспивањето се вообичаени знаци на никнувањето заби, коешто е голем чекор во оралниот развој на детето. Тоа е развојна фаза којашто може да биде предизвикувачка и за бебињата и за родителите, но со соодветен третман, може полесно да се помине…

Бебињата стануваат многу пребирливи, а понекогаш и губат интерес за храната, а сѐ тоа се нормални и тешки промени за родителите. Никнувањето заби е процес во којшто млечните заби конечно се пробиваат низ непцата. Никнувањето може да предизвика блага болка и непријатност. Исто така, може да ги направи бебињата раздразливи или немирни, што често доведува до зачестено плачење и нарушен сон.

Знаци дека никнуваат заби

Симптомите на никнување заби понекогаш може да се помешаат со знаци на настинка. Најчестите знаци вклучуваат раздразливост, кашлање, гризење, блага треска, триење на образите и влечење на ушите.

По правило, никнувањето заби кај бебињата почнува со двата долни централни секачи. Тоа се оние што им помагаат на бебињата да почнат да ја гризаат храната, вели педијатарот д-р Кери Хронис.

Забите доаѓаат во двојки, а варијациите се нормални и очекувани, бидејќи секое бебе се развива со свое темпо. Постојат многу безбедни начини да се ублажи непријатноста, на пр. ладен прстен за гризење, џвакање на ладна, влажна крпа, но и други, меки, силиконски играчки што се предвидени за гризење.

Во случаи ако бебето е необично поспано, одбива храна и течности, или ако непцата му се многу отечени и крварат – треба да се јавите кај лекар.

Најдобро за никнување на заби: играчки за никнување на заби

Треба да инвестирате во неколку играчки за никнување на заби, но не сите играчки за никнување на заби се создадени еднакви. Педијатарот Џефри Борн за Today’s Parent ја препорачува линијата играчки Софи.

„Овие мали играчки – жирафа се многу популарни. Тие не се само слатки; тие функционираат!“, вели тој.

Обрнете внимание на тоа од што се направени играчките за никнување на заби и колку лесно се мијат: Вашето бебе ќе ја става оваа играчка во уста, па затоа сакате да бидете сигурни дека е направена од безбедни материјали и лесна за чистење за да можете да спречите раст на мувла внатре. Овие играчки за никнување на заби се исто така добри затоа што се направени од органска гума и немаат дупка на дното, така што водата не може да влезе внатре.

Лекови против болки
Некои лекови против болки се сосема безбедни за употреба за бебиња од шест месеци и постари. Борн препорачува ацетаминофен или ибупрофен и предлага да го давате само пред спиење ако вашето бебе е раздразливо.

„Делува навистина добро, но не би го давал 24 часа на ден“, вели Борн. „Еднаш навечер, неколку ноќи, кога е најтешко, е многу разумно. Секогаш проверувајте ја етикетата за безбедна доза за тежината на вашето бебе“.

Небезбедни лекови за никнување на заби: гелови со бензокаин

Овој небезбеден крем за локално здрвување се наоѓа во производи како Orajel. Американската администрација за храна и лекови (FDA) ги советува родителите да не користат гелови за никнување на заби со бензокаин кај деца помлади од две години, освен под надзор на лекар.

Бензокаинот може да предизвика метхемоглобинемија, сериозна состојба што може да предизвика смрт.

Небезбедни лекови за растење на заби: килибарни ѓердани

„Постои супстанца наречена сукцинска киселина која се наоѓа во килибарот од балтичкиот регион и се претпоставува дека поминува низ кожата за да создаде аналгетски ефект“, објаснува Борн за тоа како килибарните ѓердани можат да им помогнат на бебињата на кои им растат заби. Но, досега нема истражувања дека овие ѓердани всушност делуваат.

„Воопшто нема податоци дека нешто се испушта во кожата“, објаснува тој. Лекарите, исто така, ги предупредуваат родителите дека ѓерданите претставуваат опасност од задушување. „Тие се кршат многу лесно, па монистрата може да ги задуши бебињата“, вели тој. „Ако родителите инсистираат да ги користат, мислиме дека бебињата дефинитивно не треба да се ставаат во кревет или на место каде што не се под надзор.“

Но, на крајот на краиштата, Борн не гледа никаква корист од накитот со монистра. „Ниеден педијатар што го познавам не ги препорачува бидејќи навистина нема никаква корист од нив“, вели тој.


Небезбедни лекови за заби: хомеопатски таблети за заби
Овој контроверзен лек предизвика возбуда кога таблетите за заби на Hyland беа повлечени од пазарот бидејќи содржеа различни количини на беладона, билка што се користи како лек против болки што може да биде токсична.

„Но, дури и откако беа регулирани, сè уште има проблеми со беладоната“, предупредува Борн. Кон крајот на 2016 година, ФДА ги советуваше родителите да престанат да користат хомеопатски таблети и гелови за заби по повеќекратни инциденти кај бебиња и мали деца кои имале напади по нивното земање.

Повеќе