Што беше тоа краснопис? Зошто е важно да се пишува со рака?

Зошто е важно да се пишува со рака и како тоа влијае на мозокот е очигледно само ако се сетите колку полесно ви било да учите додека запишувате со рака во својата тетратка….

80

Порано во школо имавме нешто што се викаше краснопис, односно, убаво пишување.

Пишувавме како да веземе, а ако некој не пишуваше убаво, наставниците му велеа дека пишува како со нозе. Јас пишував убаво, а моите постојано го караа мојот помал брат и му велеа дека треба да се угледа на мене наместо да пишува како со нозе.

Еве не, децении и децении подоцна, брат ми се уште не може да се воздржи од задоволната насмевка кога му раскажувам како ме враќаа одново да ја пополнам пријавата за неодамнешниот престој во Хрватска. Едноставно, не беше разбирливо напишана. Зошто? Па затоа што ја пополнував со рака.

Не само што немав трпение за рачно пополнување, туку на моменти мешав и кирилица во латиницата.

Зошто престанавме да се служиме со рацете кога треба да напишеме нешто и зошто е сè уште важно учениците да пишуваат рачно?

Ако јас, раснета во 70-тите и 80-тите веќе имам проблем со пишувањето со рака, што ли ќе се случи со денешните деца?

Според експертите, ракописот помага како алатка за учење и размислување, бидејќи ракописот значи и вежбање – а во дигиталниот свет, тоа го има сè помалку.

Кога нашите прсти летаат по тастатурата, всушност не учиме правилно, додека пак кога запишуваме со рака, свесно избираме кои информации да ги запишеме. Ова им овозможува на луѓето потрајно да ја апсорбираат содржината и подобро да ја запомнат.

Кога пишуваме рачно, мора да ја запишеме секоја поединечна буква. Овие движења оставаат траги во мозокот, објаснуваат истражувачите.

Студиите покажуваат дека децата во основно училиште подобро ги паметат буквите кога ќе ги напишат рачно.

Од рака до глава

Постои една изрека: „од рака до глава“. Кога учите зборови, важно е да ги запишете, така дури и посложените работи во повисоките одделенија полесно се запомнуваат, бидејќи се запишуваат.

Ракописот е тренинг на мозокот, па ако децата сè уште се во фаза на развој, има смисла прво да се научат да пишуваат на класичен начин. Според експертите, ракописот носи огромни образовни придобивки: оние кои редовно земаат пенкало во рака, прават помалку правописни грешки, читаат течно и подобро ја паметат содржината. Само држењето пенкало во рака и неговото движење активира бројни мускули, зглобови и мозочни региони.

Повеќе