Знаеме дека со пролетното сонце, кога се буди целата природа и сѐ околу нас станува посветло, поубаво и порадосно, се будиме и ние, па ако и сме си дозволиле по малку да се запуштиме во текот на зимата, со доаѓањето на пролетта, ни расте и волјата да се разубавиме и да се распролетиме и самите.
За ова не е доволна само волја, треба мала помош и од сите оние козметички средства, шминки, парфеми и производи за нега кои во изобилие ги нуди бјути индустријата. Изборот е широк, но секој производ треба внимателно да се одбере, затоа што она што му одговара на еден, можеби е сосема несоодветен за некој друг. Затоа, ако сте љубител на убава козметика, шминка и парфеми, производи за нега, новитети за коса и убавина, специјални понуди и најважно од сѐ, купување по пониски цени – тогаш сигурно ќе ве радува априлскиот настан, четвртиот по ред – Beauty Expo Skopje!
Од 3 до 5 април, во ексклузивниот амбиент на хотел Александар Палас – Скопје, на површина од дури 2.000 м², ќе се одржи голем изложбено-продажен саем за козметика, убавина и нега – Beauty Expo Skopje, кој ќе го претвори главниот град во вистински центар на индустријата за убавина.
Овој тридневен настан е создаден за сите оние кои користат каква било козметика и сакаат на едно место да ги пронајдат своите омилени производи, да откријат нови брендови, да се информираат за најновите трендови и, секако, да купуваат по специјални саемски цени.
Во текот на трите саемски дена, посетителите ќе имаат можност да се сретнат со околу 50 изложувачи, меѓу кои се најголемите, највлијателните и најдобрите компании од светот на козметиката, негата и индустријата за убавина. Тоа значи дека на едно место ќе бидат собрани брендови, компании и професионалци кои го поставуваат стандардот за квалитет, ги следат светските трендови и ја обликуваат современата индустрија на убавина.
Beauty Expo Skopje е настан наменет и за професионалци, и за широка публика. Без разлика дали сте љубител на шминка, парфеми, производи за нега на кожа, коса и нокти, производи за нега на тело или велнес решенија – тука ќе можете да најдете сè што ве интересира, на едно место и во вистинска саемска атмосфера.