Тригодишници во пубертет: Дали родителите создадоа „тринејџери“?

Прочитајте пет причини зошто ние, родителите сме одговорни затоа што имаме покрај себе мали тринејџери

308

Едно време сите зборуваа за изразот „terrible twos“, но сега сè повеќе можеме да читаме за малите „тринејџери“ заради кои родителите плачат во ќош и понекогаш не знаат што да направат. Зошто не бевме предупредени? Овие кул изрази не ни постоеја до неодамна, а зошто? Затоа што ние сме одговорни за нив. Така е, ние родителите создадовме „тринејџери“’” и еве го доказот за тоа.

Колумнистката Сузан Тејлор за Babyology напиша интересна статија во која наведува зошто денес понекогаш ни се чини дека децата уште од градинка се однесуваат како да се во пубертет. Таа наведе пет различни причини и објасни како живеат денешните деца и што се променило во последните децении.

Разгалени со изборот

Децата пред педесет години немаа куп алишта во плакарот. Имаа неколку парчиња облека кои се переа одново и одново, се поправаа и се носеа повторно и повторно. Поради тоа, едноставно не можеше да се случи пресоблекување по стопати или изливи на гнев поради облеката.

Истото важи и за храната. Родителите немаа 10 различни видови житарки во оставата, ниту пак можеа да изберат што да зготват за ручек. Јадењата беа поедноставни, се готвеше сезонската храна или она што беше достапно во тоа време. Од четки за заби и играчки до книги и пијалаци – модерните тригодишници едноставно имаат премногу избор. Не е ни чудо што не можат да се одлучат.

Слобода на избор
Претходните генерации не беа прашувани што повеќе би сакале да прават или да имаат. Мама и тато ги носеа сите одлуки, па зошто наеднаш почнавме да ги прашуваме нашите малечки што сакаат? Не знаат ни кој ден е, а камоли што сакаат. Дури и ако мислат дека знаат, обично се работи за нешто што не е добро за нив (чоколадо за вечера?). А потоа, откако им ја понудивме слободата на избор, наеднаш се обидуваме да им ја одземеме и тоа води до нервен слом и бес. И тогаш родителите се тие што „страдаат“ затоа што штом на тригодишното дете ќе му дадеме чувство на моќ – тој ќе се труди да биде „газда“ секој ден, без разлика што ќе кажете.

Прекумерна стимулација

Малите деца се забавуваат цело време. Телевизорите се поголеми, играчките имаат повеќе светла, звуци, па дури и се движат сами по себе. Екраните и игрите се насекаде околу нас, родендените, празниците и прославите станаа поотмени, а времето за игра никогаш не било погласно. Додадете на тоа активности како танцување, пливање, фудбал и вашето тригодишно дете има преоптоварени сетила и непрекината активност.

Третирани како рамноправни
Изразот „тринејџер“ не постоел во 70-тите и 80-тите години, а погодете што? Не постоел ниту „babyccino“. Кој мислеше дека би било добра идеја да ги изнесете децата на „кафе“ и да им дадете пенест млечен чоколаден напиток кој „глуми“ дека е кафе? И покрај тоа што е само пенесто млеко, дали сме изненадени што тригодишните деца станаа дрски? Тоа е исто како да носиме мали девојчиња на маникир. Во нивните очи, ние ги третираме како еднакви, а во нивните глави е сосема природно да „полудат“ кога наеднаш ќе им ја одземеме таа илузија.

Високи очекувања
Има многу непотребен притисок врз малите деца, во споредба со децата од претходните децении. Родителите го сакаат најдоброто за своите деца и ги поттикнуваат да учат, да испробуваат нови спортови, нови активности. Што се случи со она децата треба да ги оставиме да учат и да се развиваат во свое време и да не се грижат што би требало и што можат другите деца да прават?

Насмевнете се и издржете

Ако навистина размислите, многу непријатни ситуации со „тринејџерите“ би можеле да се избегнат доколку живееме поедноставен, помалку модерен живот и ако се придржуваме до некои родителски совети од постарите генерации. Следниот пат кога ќе помислите „не можам повеќе“ бидејќи вашето дете има уште еден излив на бес, запомнете дека ние самите ги создадовме овие деца и сега едноставно само треба да се помириме со тоа и да го издржиме лудото возење. Со среќа!

Повеќе