Заедничкото спиење на родителите и на децата е една од темите за кои е тешко да се постигне консензус и меѓу експертите и во општата популација. Имено, постојат негативни аспекти на заедничкото спиење, но и позитивни, па секој родител треба да одмери и да одлучи која опција е најдобра за неговата ситуација.
Има ситуации кога е препорачливо да се избегнува заедничко спиење, на пр. кога родителот е под дејство на алкохол или лекови кои ја намалуваат можноста за расудување и навремени реакции.
Заедничкото спиење на родителите и децата може да се подели во три категории: спиење во ист кревет, спиење во иста соба или кога детето спие во креветче поврзано со креветот на родителите и меѓу нив нема ограда.
Во Јапонија заедничкото спиење на родителите и децата е културна норма, додека во западните земји во светот ова е сè уште контроверзна тема за која тешко се согласуваме. Заедничкото спиење е во пораст во последните неколку години и се повеќе се практикува на Запад.
Предности и ризици од делење на креветот со детето
За мајките кои дојат, има неколку предности од заедничкото спиење, бидејќи тие не мора да стануваат од кревет навечер за да го надојат своето дете. Според Nestedbean, истражувањата покажуваат дека мајките кои дојат ќе дојат подолго ако го делат креветот со своето дете.
Како предност на овој начин на спиење, родителите кои спијат со своите деца ја споменуваат и подобрата емоционална поврзаност. Тие забележале дека нивните деца заспиваат побрзо отколку кога се сами во нивните креветчиња.
Одредени студии дошле до заклучок дека децата кои спијат со своите родители се помалку анксиозни, имаат поголема самодоверба и полесно се снаоѓаат во емотивните односи со другите луѓе.
Родителите нагласуваат дека предностите на заедничкото спиење се тоа што и тие самите спијат подобро, се будат поретко и се поодморени. Некои луѓе го сакаат овој начин на спиење бидејќи нивното дете е на безбедно растојание и можат да го следат преку ноќ.
Негативната страна на заедничкото спиење е поголемата можност за повреда на детето. Имено, детето може да падне од кревет доколку не се користат заштитни шини или родителите моѓат несвесно да го повредат додека се превртуваат во сон.
Заедничкото спиење исто така го зголемува ризикот од задушување. Перници, постелнина, ќебиња, односно се што е на креветот на родителите може да претставува опасност за детето.
Друга негативна страна на заедничкото спиење е тоа што децата кои се навикнати да спијат со своите родители потешко се префрлаат потоа во својот кревет или соба.
Недостатокот на приватност е исто така негативна страна на заедничкото спиење. Во оваа ситуација, креветот повеќе не им припаѓа само на партнерите.
До кога децата треба да делат кревет со родителите?
Не постои одредена возраст кога треба да престанете да го делите креветот со дете. Секое дете е различно, како и семејството, затоа треба сами да одлучите кога и вие и детето сте подготвени за тој чекор.
Healthline наведува дека преминот од заеднички кревет во свој треба да се прави постепено за детето полесно да ја прифати новонастанатата ситуација. Тие препорачуваат прво да се обидете да спиете во иста просторија за родителите да спијат во својот, а детето во својот кревет. Држете се до докажаната вечерна рутина – вечера, бањање, читање книга и потоа одење во кревет. Постои можност детето да се пожали или да заплаче, но ова е фаза која мора заедно да ја надминете.