Понекогаш кога сѐ уште се многу мали, момчињата се нежни, момчињата сакаат да се гушкаат, да се бакнуваат, да плачат, да наберат цвеќе за мама, да ги гушкаат своите пријатели.
А потоа, во некој момент стапува на сцена она глупо воспитување, воспитување според кое на момчињата не им се дозволува да плачат, не смеат да покажуваат чувства, не смеат да ги гушкаат другарите…
Тие стануваат силни, мажествени момчиња.
Тоа е особено видливо и особено опипливо на нашите простори, каде што особено се ценат таквите мажи.
И тоа веќе со децении наназад.
Но, денес знаеме подобро.
Денес знаеме дека не е лошо да покажуваме чувства или да плачеме, без разлика на полот, знаеме дека е убаво да се гушкаат пријателите и дека децата не смеат да се засрамуваат поради солзите. Токму за ова зборува и една мајка (Џен Хамилтон) во нејзиното вирално видео на Тик-Ток.
„Ги гледате овие момчиња? Ова се нашите момчиња“, вели Џен во видеото, покажувајќи слика од нејзините деца.
„И решивме да не одгледуваме „цврсти“ момчиња. Можеби звучам лудо, но кога ги воспитувате вашите деца да бидат цврсти или им кажувате да бидат цврсти, она што ги учите е како да ги прикријат вистинските емоции што ги чувствуваат за да изгледаат силни и цврсти“.
Понатаму вели дека кога ги учиме малите момчиња да бидат „цврсти“ и да ги чуваат своите емоции за себе, ние всушност им дозволуваме да ги интернализираат тие емоции.
„Она што се случува е дека овие силни момчиња растат во мажи кои се способни да изразат само една емоција. А таа емоција е бес поради потиснувањето на нивните чувства толку многу како кога се потиснува топка на надувување под вода што кога таа граница конечно ќе се разбие, се појавува како темперамент – фрлање работи, викање“, продолжува таа пред да објасни што ги учат таа и нејзиниот сопруг нивните синови за изразување чувства и воопшто за емоциите.
„…Она што ги учиме нашите момчиња е да имаат силни чувства и да си дозволат да ги почувствуваат тие чувства и дека дури и негативните емоции што ги доживуваме како луѓе се таму за да не заштитат.
Така, на пример, ако мојот син се врати дома, а во училиште поради нешто бил изоставен од игра, јас не велам „преболи го тоа“ или „Зацврсни се“. Она што го велам е: „Еј, тоа е навистина за никаде. И точно знам какво е тоа чувство и навистина боли“, објаснува Џен.
Тоа е нешто што ретко се прави, особено со момчињата, затоа што – тие само треба да се зацврснат, нели?
„Со тоа што ќе си дозволат да ги почувствуваат овие работи, тие се способни да сочувствуваат со другите во други ситуации, кога некој друг е изоставен.
Но, кога велиме работи како „преболи го тоа“ или „зацврсни се“, им кажуваме дека тие чувства не се валидни, а потоа тие не можат да ги видат тие чувства како оправдани кај другите луѓе“.
Мајката Џен вели дека момчињата (или кој било) кои се воспитувани да ги потиснуваат своите емоции, не научуваат да имаат емпатија кон другиот, што резултира со „себични, нарцисоидни луѓе кои не ги гледаат туѓите емоции како оправдани“.
Таа вели дека не пораснала во семејство каде што нејзиниот татко викал или фрлал работи, но нејзиниот сопруг пораснал во такво семејство.
„Толку сум благодарна што успеа да се спушти пред нашите момчиња на нивно ниво кога ќе почувствуваат нешто големо и што може да се соживее со нив. И не, не мислам дека е потребно или корисно да ги изложувам моите деца на тешки ситуации за да ги зацврснам“, заклучила Џен.
Време е да се разбие траумата што со генерации им ја всадуваме на момчињата на овие простори.
Момчињата плачат, момчињата чувствуваат, момчињата берат цвеќиња. Мораме да им кажеме дека е тоа сосема во ред. И да, можно е да се воспита момче кое е чувствително, но и силно.