Зарем нашето дете е ѕвер па да го врзувате?Мајка на момче со аутизам се пожали на третманот во психијатриската болница

„Јас не можам да верувам каде живееме, зарем нашето дете е ѕвер? Во 21 век да го врзувате?“, прашува Салка Анес Абдуловска, мајка на 17-годишно дете со аутизам откако детето ѝ било вратено во ужасна состојба и со рани од врзување.
И најголемата активистка и мајка на дете со посебни потреби, Ребека Јанковска Ристески се надоврза пишувајќи: Изгледа дојде време да ја тужиме државата! Тоа ни остана! Дали сте свесни дека децата со аутизам не се за во психијатриска установа!?

483

Салка Анес Абдуловска од Дебар е мајка на дете со аутизам. Сѐ уште под голем стрес поради состојбата во која нејзиниот седумнаесетгодишен син вчера им бил вратен од Психијатриската болница, таа вели дека во моментот не е во состојба да каже ништо повеќе од она што веќе го напишала на својот фејсбук профил и го споделила со своите соборки, мајки на деца со посебни потреби, битолчанката Ирена Николовска Ристановска и Ребека Јанковска Ристески, која е воедно и една од најголемите активистки за правата на лицата со хендикеп, дисфункции, посебни потреби и ретки болести.

Во својот пост на Фејсбук таа се пожали дека нејзиниот 17-годишен син кој бил хоспитализиран пред 1 месец во психијатриска болница, вчера бил отпуштен од болницата со рани од врзување.

„После месец дена мојот син го зедовме од Психијатриската болница, така ни кажаа.

Јас не можам да верувам каде живееме, зарем нашето дете е ѕвер? Да, агресивен стана овие две години и затоа побаравме здравствена помош, но во 21 век да го врзувате??? Дали така се заколнавте кога полагавте дека ќе бидете хумани. Ова дете е 17-годишно!

Душата ме боли, се прашувам дали низ погрешивме што побаравме помош. Зошто нема соодветна институција за нашите деца? Вака не се смирува дете, ова е насилство! Барам одговорност за овие рани од што бил врзуван“, вели мајката.

На ова веднаш реагираа и други мајки на деца со аутизам. Ирена Николовска Ристановска од Битола вели дека како мајка на дете со аутизам и самата би го сторила истото и би побарала помош кога би дошла во ситуација да не може да се справи самата со своето дете.

Имено, многу често, овие деца кога ќе дојдат во одреден период од животот кој се вика пубертет, доживуваат исти промени во хормоналната рамнотежа како и сите други, а тоа, со оглед на нивната состојба може да се одрази на тоај начин што стануваат агресивни дури и кон најблиските.

„Исто како тебе гласно и јавно ќе зборував. Ова боли и ја пече и така ранетата душа. Ова е знак дека немаме соодветни установи, мали дневни и голем регионален центар за деца и лица со попреченост.

А за врзувањето, фиксирањето, одамна е забрането и исфрлено од употреба, го имав сретнато само во учебниците како порано го користеле како метод, но се покажал несоодветен. После овие физички рани кој ќе ги лечи дополнителните на душата од детето и родителите?

И ни една ни друга ни трета партија да не се лути и да не се осмели да користи поени. Еднаш засекогаш направете нешто заеднички за нашите ангели на кои со години им ги кршите и така ранетите крила“, порачува Ирена.

На веста веднаш реагираше и Ребека Јанковска Ристески која од 2010 година кога беше формирано здружението „Дајте ни крилја“, е активна во борбата да им помогне на лицата со хендикеп, дисфункции, посебни потреби и ретки болести.

„Европа одамна излезе со концепти, системи, правилници и стандарди како треба да изгледа еден центар за аутизам. Одамна требаше да се направи сето тоа бидејќи веќе постојат стратегии, постојано праќаат едукатори, се шетаат низ светот по обуки, ама ние аир не видовме од тоа“, вели Ребека која постојано апелира до надлежните да се отворат дневни центри, центри за поддршка, како и регионален центар за едукација и рехабилитација.

„Дали сте свесни дека децата со аутизам не се за во психијатриска установа!??? На нив им треба грижа, љубов, сензорни соби, базен, стручно лица, дворно место, игралишта, учење на животни вештини, креативни работилници и анимација!!! Доколку имаат соодветни третмани и услови, тие ќе бидат сосема поинакви!

Дали сте свесни дека во средното специјално училиште Св.Наум нема негувател, нема асистенција, медицинска сестра… Дали знаете дека таму има лица со попреченост кои не по вторпат, туку по третпат одат во средно за да имаат некаква активност и за да излезат од дома!? Фала му на Бога за прекрасниот наставен кадар таму на кој треба дупло од тие плати кои ги добиваат да им дадете! Поминете од таму и во дворот ќе видите како седат мајки и татковци и ги пазат своите деца да не излезат на улица или пак да бидат тука ако им се оди во тоалет!?До кога мислите да мижите?!

Како не ви е срам под изговор дека правите инклузивна средина не ставате на најголеми маки!? Слугувате на странски идеологии кога ви одговара и поддржувате и она што не треба да се поддржи. Згради правите, а за центри нема место. Општините и оваа земја е и наша исто колку што е и ваша!!!

Асистенти нема. Оваа година десетици родители ми се јавија во потрага по асистенти! И Маркијан нема. Дневни центри не отворивте! Центри за поддршка нема! Регионален центар за едукација, рехабилитација нема! Доста пишувавте, фатете се за работа и едните и другите!!!

Како не ви е срам!

Секако, бројни се реакциите и на други родители кои се соочуваат со слични проблеми живеејќи го тешкиот живот на лицата со посебни потреби без поддршка од државата, од денес до утре, па кој колку може да издржи.

Повеќе