Зошто сè уште им дозволуваме на децата да пијат енергетски пијалаци?
Една лименка може да содржи до 300 мг кофеин, што за деца е сериозна доза, особено ако се зема заедно со други производи што содржат кофеин, како чоколадо или газирани сокови. Американската педијатриска асоцијација препорачува максимум 100 мг кофеин дневно за деца од 8 до 13 години, иако најдобро е целосно да се избегнуваат стимулативни пијалаци кај оваа возраст.
Сè повеќе земји од Европската Унија воведуваат забрани за продажба на енергетски пијалаци на деца и млади, поради сериозните здравствени ризици што ги носат овие производи. Литванија и Летонија тоа го направија уште пред десет години. Оваа година им се приклучија и Унгарија и Бугарија.
Од друга страна, Македонија сè уште нема законска регулатива што ја ограничува нивната продажба на малолетници, иако загриженоста во јавноста расте.
Што велат бројките?
Според податоци на Европската агенција за безбедност на храна, дури 68% од младите на возраст од 10 до 18 години во Европа пијат енергетски пијалаци, а 18% од децата под 10 години исто така имаат навика да ги консумираат. Во многу случаи, овие пијалаци се мешаат со алкохол – комбинација која е особено опасна.
Една лименка може да содржи до 300 мг кофеин, што за деца е сериозна доза, особено ако се зема заедно со други производи што содржат кофеин, како чоколадо или газирани сокови.
Американската педијатриска асоцијација препорачува максимум 100 мг кофеин дневно за деца од 8 до 13 години, иако најдобро е целосно да се избегнуваат стимулативни пијалаци кај оваа возраст.
Состојбата во Македонија
За разлика од неколку земји членки на ЕУ кои веќе воведоа забрани, во Македонија засега не постои законска регулатива која ја ограничува продажбата на енергетски пијалаци на малолетници. Иако на некои производи стои ознака дека не се препорачуваат за лица под 18 години, овие пијалаци се слободно достапни во продавниците, а контролата е речиси непостоечка.
Истражувања за конкретната распространетост на консумацијата кај деца и млади во Македонија се ретки или недоволно објавени, но може да се забележи дека ученици од основно и средно образование често ги користат овие пијалаци, дури и за време на училишни одмори.
Зошто е важно да се реагира?
Енергетските пијалаци не се обични газирани сокови – тие содржат високи дози кофеин, таурин, шеќери и други стимуланси. Прекумерната консумација кај деца може да доведе до:
- Несоница
- Нервоза и анксиозност
- Гојазност
- Проблеми со срцевиот ритам
- Намалено внимание и слаби резултати во училиште
Комбинацијата со алкохол дополнително го зголемува ризикот од несвестици, дехидратација, па дури и сериозни кардиоваскуларни проблеми.
Секојдневната потрошувачка на пијалаци со висок кофеин доведува до нарушен ритам, висока телесна температура, гастроинтестинални проблеми и дури психотични реакции или епилептични епизоди.
Енергетските пијалаци се поврзуваат и со зголемен ризик од депресија, анксиозност, АДХД и други ментални нарушувања.
Според истражувањето на Универзитетот во Њукасл и Тисајд, енергетските пијалоци можат да имаат негативно влијание врз детскиот мозок, бидејќи нивната употреба го зголемува ризикот од ментални проблеми, вклучувајќи нарушување на хиперактивност со дефицит на внимание (АДХД), депресија, анксиозност и самоубиствени мисли.
Иако јавната свест расте, без законски промени, децата остануваат незаштитени од производи кои имаат реален потенцијал да наштетат на нивното здравје.