Многу родители се чувствуваат повредени кога нивните возрасни деца реагираат на нивните пораки кратко, површно или воопшто не реагираат. Но, според психологот и терапевт Џефри Бернштајн, намалената комуникација во повеќето случаи не значи дека нивните деца престанале да се грижат за нив, туку почесто станува збор за потреба од самозаштита, особено кога донесуваат животни одлуки со кои нивните родители не се согласуваат.
„Повлекувањето од комуникацијата може да се случи кога возрасните деца се чувствуваат под притисок, осудувани или емоционално уценувани, дури и ако нивните родители немаат намера да го прават тоа. Родителите честопати погрешно мислат дека нивните деца сакаат да ги казнат, кога всушност тие се обидуваат да се заштитат себеси. Дури и кога родителите сакаат да помогнат, тие забораваат колку е важно нивните деца да учат од сопствените грешки“, објаснува Бернштајн за Psychology Today.
Родителите, вели Бернштајн, честопати испраќаат пораки порада анксиозност, а не поради вистинска поврзаност. Ако возрасните деца се чувствуваат невидени, нечуени или емоционално запоставени, помала е веројатноста да одговорат на таквите пораки.
Фрази како „Не сум те слушнал/а веќе некое време“, „Дали си добро?“ или „Дали направив нешто погрешно?“ можат да дејствуваат како емоционален притисок и дополнително да ја затегнат врската.
Од друга страна, пораките што доаѓаат од блага, искрена љубопитност можат да помогнат во зајакнувањето на врската, дури и ако детето не одговори веднаш. Примери за такви пораки се: „Денес размислував за тебе и се прашував како си“ или „Без притисок да одговориш- само за да знаеш дека мислам на тебе“.
„Наместо да поставувате подлабоки прашања или да се обидувате да започнете сериозен разговор, подобро е пораките да бидат начин за градење доверба и смирена поврзаност“, заклучува Бернштајн.