Заедничкото спиење може да биде опасно по животот на бебето

Родителите кои делат кревети со своите деца најчесто како причини ги наведуваат „олеснувањето на доењето, културолошките преференци и верувањето дека тоа е подобро и побезбедно за нивното бебе“. Експертите препорачуваат најмалку до 6 месеци, наместо со вас во кревет, бебето да спие во колевка до вашиот кревет

1.428

Медицински стручњаци зборуваат за заедничкото спиење на родителите со нивните бебиња, постапка која може да доведе до смрт на детето. Заедничкото спиење или споделување кревет со новороденчето е една од причините за ненадејна смрт на доенчиња. Во 2020 година, 905 бебиња во Америка починале од „случајно гушење и задушување во кревет“, според податоците од Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ). Приближно 3.400 доенчиња (под една година) умираат ненадејно и неочекувано во САД секоја година.

„Нема веднаш очигледна причина“, известува ЦДЦ на страницата со факти и статистика за синдромот на ненадејна смрт на доенчиња (SIDS).

Овој месец, Брук Хантер, 23-годишна мајка од Синсинати, била обвинета за убиство без умисла и загрозување на детето, откако нејзиното второ дете починало за време на спиење.

„Шестнеделно дете почина на 22 јуни 2022 година поради заедничко спиење. Една година претходно, на Хантер, исто така ѝ умрело шестнеделно дете од истата причина“, изјавила за Фокс њуз помошничката американска обвинителка Ејми Клаусинг.

Во моментот на првиот инцидент, мајката била предупредена за опасноста од заедничко спиење. Поради претходниот инцидент смртта на второто дете е прогласена за убиство. Доколку биде прогласена за виновна, Хантер се соочува со затворска казна до 11 години.

Трите најчесто пријавувани типови на синдром на ненадејна смрт на доенчиња

Според ЦДЦ, трите најчесто пријавени типа на ненадејна смрт на доенчиња се: синдром на ненадејна смрт на доенчиња (SIDS), непозната причина и случајно гушење и задушување во кревет.

Д-р. Стивен Син, шеф на педијатрија на Медицинскиот центар на Универзитетот во Мериленд во Балтимор, вели дека е важно родителите да се едуцираат за опасностите од заедничкото спиење пред новите мајки да бидат отпуштени од болница.

„Тоа се трагични ситуации, неверојатно е тешко да се справиме со смртта на детето во првата година од неговиот живот. Мораме да продолжиме со едукација и подигање на свеста“, предупредува тој.

Што е заедничко спиење и зошто е опасно?

Заедничко спиење значи дека родителот или старателот спие во ист кревет со детето.

Првата причина поради која ова е опасно е што доенчињата првенствено дишат низ нос, а нивните мали ноздри можат многу лесно да се блокираат.

„Затоа бараме родителите да не ставаат плишани играчки, перници, ќебиња, постелнина во креветчињата. Доколку спиете со детето, постои можност бебето да дојде во положба каде што ќе има проблеми со дишењето низ нос“, забележува Син.

Дополнително, бебињата немаат способност да се превртуваат од стомакот на грбот или обратно до околу 6 месеци. Затоа, тие не можат да ја сменат својата позиција и да избегаат од пречката.

„И тоа, за жал, води до овие страшни и трагични последици“, додава Син.

Зошто родителите спијат со своите деца?

Д-р Син вели дека родителите често се уморни од немирните ноќи. Тие мислат дека спиењето со бебето ќе го надомести толку потребниот сон. Додека некои извештаи тврдат дека заедничкото спиење има психолошки придобивки, Син и Американската академија за педијатрија (ААП) советуваат да не се прави тоа.

Родителите кои делат кревети со своите деца најчесто како причини ги наведуваат „олеснувањето на доењето, културолошките преференци и верувањето дека тоа е подобро и побезбедно за нивното бебе“.

„Меѓутоа, врз основа на доказите, не можеме воопшто да го препорачаме ова. Ако детето е блиску до креветот во корпа или креветче, ќе им овозможи на родителите да го хранат и утешат бебето и да одговорат на неговите потреби“, тврди Син.

Како да го заштитите бебето?

ААП објави препораки за безбеден сон во првата година по раѓањето.

Бебињата треба да се стават на грб во празно креветче или лулка
Бебињата треба да спијат на цврста, рамна површина која ги задоволува безбедносните стандарди
Родителите не треба да користат производи за спиење кои не се наменети за спиење
Уреди како седишта за автомобил, колички, нишалки, носачи и гнезда не се препорачуваат за спиење
Чувајте ги ќебињата, перниците, полнетите играчки и заштитните оградички надвор од местото каде што спие бебето
Спијте во иста просторија, но не во ист кревет со бебето, по можност барем во првите шест месеци
Избегнувајте користење на уреди како што се домашни кардиореспираторни монитори кои се рекламираат дека го намалуваат ризикот од СИДС или други смртни случаи поврзани со спиењето.
„Направивме голем напредок во учењето што ги прави бебињата безбедни за време на спиењето, но ни претстојат уште многу работи“, вели д-р Рејчел Мун, професор по педијатрија на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Вирџинија.

„Смртта на бебето е трагична, потресна и често може да се спречи. Ако нешто научивме, тоа е наједноставно: бебињата секогаш треба да спијат во колевка или во детско креветче, на грб, без меки играчки, перници, ќебиња или друга постелнина“, додава таа.

Повеќе