Колку секс е потребен за да забремените? 6 најчести прашања за плодноста и зачнувањето

Дали веќе почнавте активно да работите на бебе или планирате бременост во иднина? Ова се најчесто поставувани прашања за женската плодност, сексот и зачнувањето

6.885

Дали веќе почнавте активно да работите на бебе или планирате бременост во иднина? Во секој случај, веројатно и вас ќе ве интересираат одговорите на овие најчесто поставувани прашања за женската плодност, сексот и зачнувањето.

Менструацијата ми трае подолго и е многу послаба. Дали е тоа знак за опаѓање на плодноста?
Секоја промена на менструалниот циклус укажува на промена на хормоналната состојба, која најчесто е директно поврзана со возраста. Ако сте загрижени дека нема да можете да забремените и/или се приближувате до 35-тата година од животот, консултирајте се со вашиот лекар. Тој ќе ве испрати да го тестирате нивото на фоликуло-стимулирачкиот хормон (FHS) во крвта. Резултатот од оваа анализа ќе ги означи репродуктивните резерви на јајниците (бројот на здрави јајце клетки кои преостанале до менопаузата).

Колку време е потребно за да забременам? Според медицинската статистика, 30% од паровите имаат бебе во првиот месец од донесувањето на одлуката да станат родители. Дури 75% од нив го постигнуваат тоа за половина година, 90% за една година, а 95% за две години. Сепак, знајте дека овие бројки се само статистика. Жените во раните дваесетти имаат двојно поголема веројатност да забременат од оние во доцните триесетти.

Дали е вистина дека има само два дена во месецот кога е можно да се зачне? Не! Кога се ослободува спермата, потребни се само 90 секунди да помине низ грлото на матката и десет минути да стигне до местото на зачнувањето – врвот на фалопиевата цевка. На тоа место го „чекаат“ јајцето, меѓу пет и седум дена. Сè додека сперматозоидите се на ова место, постои шанса да забремените кога ќе започне овулацијата. Јајце клетката може да преживее само 12 до 24 часа, поради што ако сте имале однос пет дена пред овулацијата, постојат шанси да останете бремени. Шансите се значително намалени ако сте имале сексуален однос 48 часа по овулацијата.

Дали медицински потпомогнатото оплодување е безбедно за здравјето? Секоја стимулација на јајниците е ризик. Првата потенцијална опасност е хиперстимулација, која може да предизвика тромбоза. Вториот е зголемување на ризикот од рак на јајниците. Лекарите сè уште не знаат зошто ризикот од развој на тумори кај пациенти кои се подложени на асистирана репродукција е значително зголемен. Претпоставката е дека тоа се должи на земање лекови кои предизвикуваат изразена овулација или можеби се работи за примарна дисфункција на јајниците, која и предизвикала проблеми во зачнувањето.

Колку често треба да имам секс за да забременам? Во идеален случај, сперматозоидот што ќе ја оплоди јајце клетката треба да биде подвижен, а неговата старост не би требало да надминува два дена. Експертите затоа ги советуваат паровите да водат љубов секој втор ден помеѓу крајот на една менструација и почетокот на следната.

Како можам да ја проверам мојата плодност? Најсигурен индикатор е тестот за нивото на фоликуло-стимулирачкиот хормон, кој ќе го одреди вашиот гинеколог. Дополнително, треба да се направи и ултразвучен преглед со кој би се утврдила репродуктивната резерва на јајниците, но и тест за кламидија, бидејќи оваа „тивка“ инфекција (често нема симптоми) може да ја наруши способноста за зачнување. Ако менструацијата ви е неправилна, болна или обилна, консултирајте се со доктор, бидејќи споменатите тегоби може да укажуваат на синдром на полицистични јајници (кој може да го наруши или запре производството на јајце клетки).

Повеќе