За што се грижат најмногу тинејџерите?

Родителите кои се борат да ги разберат своите тинејџери може да имаат корист од новите податоци од една неодамнешна студија, која ќе им помогне подобро да го разберат нивниот свет.

46


Според последното истражување на Центарот за истражување Пју (Pew Research Center) и момчињата и девојчињата тинејџери се соочуваат со многу исти проблеми, вклучувајќи го училишниот притисок и проблемите со менталното здравје, но можеби им требаат различни видови поддршка.

„Една од главните цели на студијата беше да се обиде да ги разбере предизвиците со кои се соочуваат тинејџерите денес, а посебно како тие го доживуваат училиштето и дали овие работи се разликуваат по пол“, вели Ким Паркер, директор за истражување на социјалните трендови во Истражувачкиот центар Пју.

„Оваа година направивме многу истражувања за мажите и машкоста, а дел од тоа вклучува и што се случува со момчињата и девојчињата.

Истражувањето е спроведено од 18 септември до 10 октомври меѓу 1.391 тинејџер на возраст од 13 до 17 години.

Иако податоците покажаа разлики меѓу нив – како на пример, девојчињата пријавија поголем притисок да се вклопат и да изгледаат добро, додека момчињата рекоа дека треба да бидат силни и добри во спортот – многу од нивните ставови беа слични.

Според резултатите, и девојчињата и момчињата рекоа дека е многу важно да се најде професија во која ќе уживаат, ќе заработуваат пари и ќе негуваат пријателства во иднина.

Ние имаме тенденција негативно да ги стереотипираме тинејџерите како површни и незаинтересирани, а овие резултати се одличен потсетник дека тинејџерите се сериозни во врска со нивните училишни задачи и размислуваат за нивните идни кариери“, забележува психологот д-р Лиза Дамур, која не била вклучена во истражувањето.

Притисок да се биде успешен

Според податоците, и момчињата и девојчињата тинејџери пријавиле дека биле под притисок да успеат во училиште. И двете групи во поголем процент изјавиле дека девојчињата добиваат подобри оценки и дека наставниците ги фаворизираат.

Оваа нивна перцепција се совпаѓа со постоечките податоци кои покажуваат дека девојчињата во просек имаат подобри оценки од момчињата.

Но, оценките не се единственото мерило – успехот на девојчињата во училиште не мора да значи дека момчињата се полоши, забележува психологот д-р Ени Маху, доцент на Универзитетот во Северна Каролина. Различноста може да биде знак дека нешто во организацијата на образованието не функционира за момчињата како што треба.

„Училиштата се структурирани така што децата кои седат мирни и се помалку импулсивни ќе добијат подобри оценки, а знаеме дека има голема разлика во развојот на мозокот во раната адолесценција и дека делот од мозокот што се користи за контрола на импулсите и критичко размислување се развива подоцна кај момчињата отколку кај девојчињата“, вели Мишел Ајкард, семејна терапевтка.

Повеќе активности и различни методи на настава кои вклучуваат практично учење, на пример, би можеле да им помогнат на тинејџерите да напредуваат подобро академски, смета Ајкард.

Поддршка од пријателите
Има добри и лоши вести кога станува збор за она што тинејџерите го кажале за нивните пријателства.

Само два отсто од тинејџерите рекле дека немаат пријатели, според извештајот на Пју. И додека идеално бројот на оние без пријатели би бил нула, тој е помал од очекуваното и изгледа како позитивен резултат. Пријателствата се особено важни во адолесценцијата.

„Тинејџерите се на возраст кога е помала веројатноста да се обратат кај возрасен за поддршка. Тие природно ќе допрат до своите врсници пред да побараат возрасен, а врсниците можат да бидат одлични водичи за возрасните кога е потребно“, истакнува Ајкард.

„Но, ако немате некој кој вели: Еј, ова е проблем за кој треба да разговараш со некој постар, тогаш тоа може да биде опасно“.

Иако повеќето момчиња рекле дека имаат близок пријател на кој може да му се обратат за поддршка, тој број е помал (85%) во споредба со девојчињата (95%) кои рекле дека можат да се обратат кај пријатели за поддршка, покажале податоците.

„Треба да се обидеме да се ослободиме од митот дека момчињата немаат блиски врски“, вели д-р Лиза Дамур. Но, во исто време, „треба да го сфатиме многу сериозно фактот дека ги социјализираме момчињата така за да живеат во убедување дека ранливоста е неприфатлива. И се додека го правиме тоа, ќе имаме момчиња и мажи кои не ја добиваат силната социјална поддршка што ја заслужуваат“.

Различни изрази на ментално здравје
Имало разлика во тоа како момчињата и девојчињата ги доживуваат своите внатрешни борби: и едните и другите рекле дека девојчињата имаат поголема веројатност да искусат анксиозност и депресија, додека момчињата почесто злоупотребуваат супстанции, влегуваат во конфликти и се впуштаат во физички пресметки со врсниците.
Сепак, овие наоди не значат дека едната група има проблеми со менталното здравје, а другата има само проблеми во однесувањето, напоменува Дамурова.

„Во однос на менталното здравје, треба да го земеме предвид наодот дека момчињата почесто учествуваат во физички пресметки. Едно од нашите добро утврдени ставови како лекари е дека кога девојчињата се во неволја, тие се социјализирани да се повлечат во себе – и затоа имаат поголема веројатност да доживеат анксиозност и депресија. Кога момчињата се во неволја, поголема е веројатноста да се однесуваат насилно и да влезат во неволја“.

Иако дисциплинските мерки може да бидат прикладни кога тинејџерот злоупотребува супстанции или се однесува насилно, важно е таквата казна да биде придружена со разбирање дека однесувањето произлегува од страдањето, со што исто така треба да се занимавме, според д-р Лиза Дамур.

„Кога гледаме гнев кај тинејџерите, мислиме: „Па, тоа не е депресија“, но може да биде или ако видите момче кое се однесува непромислено, може да помислите: „Ох, тој е храбар“, додава Ајкард. „Тоа однесување е одраз на чувството на одвоеност од другите луѓе. Затоа не би заклучила така лесно дека момчињата се чувствуваат помалку анксиозни и помалку депресивни“.

Повеќе