Отров за стаорци во бебешка храна: Паника меѓу родителите во неколку европски земји
HiPP кашички контаминирани со отров за стаорци се откриени во повеќе земји. Инцидентот предизвика паника кај родителите, но компанијата тврди дека проблемот не е во производството, туку во криминална интервенција. Дали има ризик во Македонија?
Во неколку европски земји е покрената сериозна истрага откако во теглички со бебешка храна од германскиот производител HiPP бил пронајден отров за стаорци. Случајот ги вознемири родителите и отвори прашања за безбедноста на храната за најмалите.
Инцидентот прво бил регистриран во австриската покраина Градишќе, каде купувач пријавил тегличка со необичен изглед и мирис. Анализите потврдиле присуство на токсична супстанца опасна по живот. Станува збор за тегла од 190 грама храна за бебиња – пире од морков и компир – во која е пронајден отров за стаорци.
Како мерка на претпазливост, синџирот маркети SPAR во Австрија, веднаш го повлекол целиот асортиман на HiPP кашички од продажба. Потоа, сомнителни примероци биле пронајдени и во Чешка и Словачка, каде исто така се спроведуваат форензички анализи.
Постои сомнеж дека најмалку уште една контаминирана тегла е во оптек, поради што властите апелираат граѓаните да бидат внимателни.
Не се работи за проблем во производството
Од компанијата HiPP нагласуваат дека инцидентот не е поврзан со квалитетот на производството. Според експерти за безбедност на храна, најверојатно станува збор за надворешна интервенција – односно, теглите биле отворени и повторно затворени.
Се разгледува и можноста за изнуда, односно организиран криминал насочен кон производителот. Дел од експертите предупредуваат дека ваквите случаи, иако ретки, се особено опасни бидејќи ја таргетираат најчувствителната категорија – бебињата.
Повлекување и во регионот
Како превентивна мерка, производите биле повлечени од продажба и во Словенија, како и во Хрватска, иако таму не биле пронајдени спорни тегли.
Потрошувачите се советуваат да проверуваат дали производите се неоштетени и добро затворени, да внимаваат на необичен мирис или изглед, а сомнителните производи веднаш да ги вратат во продавница.
Каква е состојбата во Македонија?
Според официјалното соопштение на HiPP Македонија, нема причина за загриженост кај домашните потрошувачи.
Компанијата информира дека спорниот производ не е увезен и не се продава во Македонија. Оттаму тврдат дека инцидентот е локален и поврзан со одредени продажни синџири во други земји. Дополнително, се нагласува дека станува збор за криминален чин, а не за пропуст во квалитетот или безбедноста на храната.
Иако случајот предизвика силни реакции низ Европа, засега нема официјално предупредување од Агенцијата за храна и ветеринарство дека спорните производи се присутни на македонскиот пазар.
Домашните институции во вакви ситуации вообичаено реагираат преку европскиот систем за брзо предупредување за небезбедна храна (RASFF), но во овој случај нема јавно објавена нотификација за Македонија што би значело дека контаминираните производи најверојатно не се дистрибуирани кај нас или ризикот е ограничен на конкретни пазари во Европа.
Сепак, експертите потсетуваат колку е важна контролата на храната, но и вниманието на потрошувачите при купување храна, особено кога станува збор за производи наменети за бебиња и мали деца.