Кукла, демон, тренд…Зошто се сите опседнати со куклите Лабубу?

Социјалните медиуми повторно успеаја да претворат еден неочекуван предмет како што е играчка, во задолжителен додаток. Додека едни трошат неверојатни суми пари за да ја добијат онаа што ја сакаат, други сакаат да се ослободат од „чудовиштето“. Кај нас се појавија и тврдења од загрижени православни христијани дека куклата се користи во сатанистички ритуали

121

Нова сезона, нова опсесија што ги напаѓа сите социјални платформи – кукли Лабубу. Ако не знаете за што зборуваме, ова се мали суштества што изгледаат како чудовишта, а се создадени во 2015 година од уметникот од Хонг Конг, Касинг Лунг. Откако стапил во соработка со синџирот продавници Поп Март, создадена е серија играчки наречени „Чудовиштата“. Малите суштества што Лунг ги создал за своите приказни се инспирирани од нордиската митологија, па оттука и нивниот специфичен изглед.

Во азиските земји, куклите веќе некое време се предмет на интерес на колекционерите, но биле потребни неколку години и неколку објави од K-поп ѕвезди за да се започне глобалниот вирален циклус со кој оваа кадифена кукла се претвори во моден статусен симбол.

К-поп ѕвездата Лиса објави фотографија од својата кукла на Инстаграм кон средината на 2024 година, по што продажбата се дуплирала, а потоа и Тик-Ток си го направи своето. Денес, можете да ги видите како висат од секоја втора чанта од Louis Vuitton или Hermes (ако сте паднале во алгоритмот на Тик-Ток).

Куклите Лабубу како нов моден додаток

Од 2024 година, куклите експлодирале на социјалните медиуми, а оние што ги имаат закачуваат по неколку примероци на своите чанти, а на StockX, цените за одредени примероци достигнуваат до речиси 2.000 долари.

Она што ги прави луѓето зависни од купување нови кукли не е само колекционерството. Тука е факторот на изненадување бидејќи никогаш не знаете што ќе добиете во кутијата – куклите Labubu се продаваат на база на blind box, што лесно создава зависност и потреба повторно да се купи, особено ако сакате одредена нијанса. А потоа е тука и факторот тренд. Во регуларната понуда, нивната цена на азискиот пазар била околу 13 или 18 долари, но со оглед на големата побарувачка и новите ограничени изданија кои се распродаваат за неколку часа, цените се околу 50 и 100 долари по кукла. Најчестите и најпристапните нијанси на куклите се „Green Grape“, „Lychee Berry” и „Soy Milk”, додека некои се исклучително ретки и нивните цени достигнуваат неколку цифри, како онаа што е спомената од страниците за препродажба, како и кинеската новогодишна едиција или соработката со Vans.

Теории на заговор

Додека виралната треска Лабубу се шири низ интернет, колекционерите се подготвени да издвојат стотици, па дури и илјадници долари за овие играчки. Но, додека некои очајно сакаат да ги имаат, други преземаат драстични мерки за да се ослободат од нив. Овие необични фигури се инспирирани од илустрираната книга на Лунг, „The Monsters“ („Чудовиштата“) и припаѓаат на племе самовили.

Но, како што расте нивната популарност, расте и една вознемирувачка теорија на заговор.

Според некои теоретичари на заговор, овие кукли кријат „темна тајна“. Според нив, куклите Лабубу се всушност инспирирани од древни демони – поточно, демон по име Пазузу, познат од месопотамската митологија и хорор филмот „Егзорцист“.

Иако Пазузу и Лабубу немаат многу физички сличности, љубителите на теоријата истакнуваат дека двата лика имаат препознатлива широка насмевка и зашилени заби.

Според Енциклопедијата Британика, Пазузу е познат како демон кој ги поразил моќните демонски ветрови и можел да биде повикан да ги заштити луѓето – иако колекционерите на Лабубу кои веруваат во оваа теорија се убедени дека неговото присуство сепак не е добронамерно.

За некои, теоријата е толку убедлива што решиле физички да се ослободат од своите кукли. Корисничка на Тик-Ток со корисничко име @jessicavibezx објави видео од себе како ја гори својата Лабуба со предупредување: „НЕ КУПУВАЈТЕ ЛАБУБА, ТИЕ СЕ ПРОКЛЕТИ И ЌЕ ВИ ГО УНИШТАТ ЖИВОТОТ“. Таа не е единствената што верува во оваа теорија.

На Твитер, некој напишал: „Лабубу = Пазузу. Не внесувајте демони во вашиот дом.“

Друг корисник признава дека теоријата го направила да се чувствува нелагодно: „Не сум суеверен, но не сум ни рамнодушен. Никогаш не би купил Лабубу. Доаѓа од Пазузу, демонот кој ја опседнал девојката во „Егзорцистот“. Имаме доволно наши внатрешни демони – не ни треба уште еден, и тоа скап.“

Дури и кај нас се појавија на Интернет загрижени православни христијани кои апелираат до родителите да не им купуваат на своите деца Лабубу, бидејќи се креација на сатанистите кои се користат во сатанистички ритуали.

И покрај ширењето на теоријата, популарноста на куклите Лабубу изгледа дека нивната популарност не се намалува.

Повеќе