Бебињата почнуваат да лажат порано отколку што се мислеше

Ново истражување од Универзитетот во Бристол покажува дека првите облици на измамничко однесување можат да се појават уште пред детето да наполни една година.

72

Научниците откриле дека првите облици на измамничко однесување може да се појават уште пред првиот роденден, иако, како што велат, тоа не се вистински лаги како кај возрасните.

Кога ќе помислиме на лажење, обично замислуваме постаро дете кое намерно крие нешто или кажува невистина за да избегне казна. Но, ново истражување покажува дека корените на измамничкото однесување се појавуваат многу порано – дури и пред детето да го каже својот прв збор.

Истражувањето, предводено од научници од Универзитетот во Бристол, покажува дека околу една четвртина од децата почнуваат да ја разбираат измамата уште на 10-месечна возраст. До 17 месеци, такво разбирање покажуваат околу половина од децата. До третата година, децата стануваат сè повешти, покреативни и почесто користат различни форми на измама.

Научниците, сепак, нагласуваат дека зборот „лага“ треба да се користи внимателно кога станува збор за бебиња. Тие не зборуваат за свесно и промислено лажење како кај возрасните, туку за рани облици на однесување со кои детето се обидува да влијае врз тоа што друг човек ќе направи или ќе мисли.

Што се смета за „лажење“ кај толку мало дете?

Авторите на истражувањето објавено во списанието „Cognitive Development“ ја дефинираат раната измама како намерно погрешно постапување со цел да се избегнат последиците или да се оствари некаква корист. Сепак, клиничкиот психолог д-р Ема Мареј предупредува дека кај бебињата е многу тешко да се утврди дали зад одредено однесување навистина постои намера.

Еден од примерите е бебе кое почнува да плаче за да го земе родителот в раце, а потоа веднаш престанува штом ќе го добие посакуваното внимание. Кај малку постарите деца тоа може да изгледа како брзо криење на чоколадото откако ќе го слушнат родителот или тврдењето „Не сум јас!“, додека сè уште постојат траги од она што го направиле.

Таквите моменти за родителите можат да бидат симпатични, но психолозите сметаат дека зад нив се крие важен развоен процес.

Според истражувањето, развојот на оваа способност е поврзан со начинот на кој децата постепено учат дека другите луѓе имаат сопствени мисли, желби и знаења. Тоа е важен дел од когнитивниот и социјалниот развој. Научниците затоа сметаат дека појавата на измамничко однесување сама по себе не е причина родителите да се загрижат.

Што покажале истражувањата?

Интересно е што претходните истражувања покажале дека вистинското вербално лажење се појавува подоцна. Во едно познато истражување со 65 деца на возраст од две до три години, децата биле замолени да не ѕиркаат во играчка. Дури 80 отсто сепак ѕирнале, а со зголемувањето на возраста се зголемувал и бројот на деца кои негирале дека го направиле тоа. Истражувачите утврдиле и дека извршните когнитивни функции имаат значајна улога во способноста на детето да лаже.

Уште поново истражување, објавено во 2025 година и спроведено на 217 деца од две и пол до пет години, покажало дека најраните лаги најчесто имаат одбранбена причина – на пример, детето лаже за да избегне казна поради нешто што го направило. Околу четвртата година, децата почнуваат да користат лажење и од други причини, вклучително и таканаречени „бели лаги“ со кои сакаат да му помогнат на некој друг.

Научниците од Бристол затоа сметаат дека измамата не треба автоматски да се гледа како нешто негативно. Способноста да се сокрие информација, да се предвиди што знае друг човек или да се обиде да се промени неговото однесување бара одредени когнитивни и социјални способности.

Тоа не значи дека секое бебе кое покажува вакво однесување е „попаметно“ од другите. Истражувањето повеќе укажува дека појавата и развојот на измамничкото однесување се дел од сложениот процес во кој детскиот мозок учи да ги разбира другите луѓе и нивните мисли.

Повеќе