Три вештини што можат да му помогнат на детето да избегне булинг

Учителка советува како децата да научат смирено да се спротивстават на врсничкото насилство и да побараат помош кога им е потребна

120

Не можеме да контролираме како ќе се однесуваат другите деца кон нашето дете, но можеме да му помогнеме да развие вештини со кои полесно ќе се справи со непријатните ситуации. Учителката и мајка Џули Фрањито издвојува три вештини кои, според неа, можат да им помогнат на децата полесно да реагираат кога некој ги исмева, понижува или малтретира.

Таа предупредува дека децата често не им кажуваат на родителите кога некој бил груб кон нив или ги повредил. Она што за возрасниот може да изгледа како обично задевање, кај детето може да прерасне во мисла дека можеби навистина нешто не е во ред со него. Затоа, важно е детето да знае дека туѓото навредливо однесување не кажува ништо за неговата вредност.

Краток и смирен одговор

Еден од советите е родителите да вежбаат со детето краток одговор кој не покажува силна емоционална реакција. На пример, детето може едноставно да каже „ОК“ или „Чудно што го кажа тоа“, а потоа да се сврти и да си замине.

Идејата е детето да не му ја даде на оној што го провоцира реакцијата што можеби ја очекува. Сепак, ова не значи дека детето треба да трпи или да молчи кога насилството продолжува.

Сигурен говор на телото и одлучен глас

Не е важно само што ќе каже детето, туку и како ќе го каже тоа. Учителката советува детето да стои исправено, да воспостави контакт со очите и со мирен, но одлучен глас да каже: „Престани. Не ми се допаѓа тоа.“

Ваквите ситуации може да се вежбаат и дома преку глума и различни сценарија. Со повторување, детето може полесно да реагира кога навистина ќе се најде во непријатна ситуација.

Важноста на способноста детето јасно да ги изрази своите граници и самоуверено и мирно да се спротивстави, е препознаена и во препораките за спречување врсничко насилство. Притоа, тоа не значи агресија или возвраќање со насилство.

Да знае дека барањето помош не е „тужакање“

Многу деца избегнуваат да му кажат на возрасен што им се случува затоа што се плашат дека другите ќе ги наречат „тужибаби“. Но, постои важна разлика меѓу тужакање и барање помош кога некој го повредува детето или друго дете.

Затоа, важно е родителите да му објаснат на детето дека обраќањето кај наставник, родител или друг возрасен за да се заштити себеси или некого друг не е слабост, туку начин да побара помош.

Експертските препораки исто така нагласуваат дека децата треба да учат социјално решавање проблеми, препознавање и регулирање на емоциите, емпатија и асертивност. Ако детето се соочува со сериозно или повторено насилство, одговорноста не е на него само да го реши проблемот – неопходно е да се вклучат возрасните и училиштето.

Најважно е детето да знае дека, ако некој го повредува или малтретира, не мора само да се справува со тоа.

Повеќе