Васка Манасковска: активен туристички водич и на прагот од осмата деценија

Васка има 69 години и 6 месеци. Само 6 месеци ја делат од уште еден јубилеј од каде ќе зачекори во осмата деценија од животот. Пензионерка е веќе цели 5 години, но е далеку од водење на класичен пензионерски живот. Таа е активен туристички и авантуристички водич

887

Нашата соговорничка Васка Манасковска беше највозрасната учесничка на конференцијата „Хероини во туризмот“ и дефинитивно, една од најинтересните говорнички и соговорнички. Со својот изглед, со шармот и шегите, најмногу на сметка на своите години, само направи да заборавиме на нив и да сфатиме дека она: „годините не се важни ако се чувствувате млади“, не е само флоскула.

Васка има 69 години и 6 месеци, па ја делат само 6 месеци од уште еден јубилеј од каде ќе зачекори во осмата деценија од животот. Пензионерка е веќе цели 5 години, но е далеку од водење на класичен пензионерски живот.

„Ако ми дојдат соседите додека пијам кафе, нема проблем, ќе пиеме кафе, ама после кафето, јас веќе не сум дома. Или сум на Водно или возам велосипед, или, ако е слободен мојот сопруг Лазе (актерот Лазар Манасковски), одиме на некоја подалечна дестинација, најчесто, на планина. Така го поминавме и оној период на карантин на почетокот од пандемијата кога наместо да седиме дома, ние постојано бевме по планините, се шетавме, собиравме печурки…“, ја почнува својата приказна Васка.

Освен што е интересна затоа што е веројатно највозрасниот активен водич на авантуристички туристички тури, таа има и интересна биографија, почнувајќи од нејзиното раѓање во Атина, во мешан брак помеѓу Македонец од Егејскиот дел на Македонија и Гркинка, преку нејзините сестрани работни ангажмани, па се досега, до нејзините активни пензионерски години, кои цврсто верувам дека ќе бидат такви уште долго по овој разговор.

„За мене среќата во животот не е дестинација туку начин на живеење и начин како го сфаќаш својот живот и своето секојдневие“, вели Васка чие секојдневие, секако, никогаш не е здодевно.

„Јас сум голем човекољубец, не можам без луѓе, а исто и мојот сопруг кој живее за публиката и за луѓето, па така и нашето секојдневје е исполнето со луѓе.

Овој период поминуваме еден малку потежок здравствен период со сопругот и сме малку повлечени, инаку, секој ден ни почнува со луѓе. Двајцата сме ранобудци, па сме на нозе веќе во 6 ипол сабајле, а во лето и порано. Го пиеме првото кафе во дворот, но иако седиме еден до друг, се случува по 15-20 минути воопшто и да не проговориме меѓусебе, туку им се препуштаме на звуците на природата. Живееме на убаво место, во Кисела вода, на падините на Водно и звуците на природата се секогаш околу нас. Од 7 часот веќе почнуваат да се размрдуваат луѓето околу нас, да одат на работа, а знаат и да ни дојдат соседите на кафе, ама како што реков, кој сака да ме најде дома, треба да дојдеме додека го пиеме првото кафе“, се смее Васка.

Таа е родена и живеела во Атина до својата 13-та година, а потоа, како што вели, нејзините родители, односно, нејзиниот татко кој потекнува од бројно семејство со многу деца, браќа и сестри раштркани низ целиот свет со егзодусот на децата-бегалци од Егејска Македонија, решиле да се соберат повторно сите на едно место и се преселиле во Скопје.

Васка тогаш незнаела ниту да „бекне“ на македонски. Зборувала само грчки. Ама, вели, „кој те прашува дали сакаш, немаше тогаш пубертетски години, тоа е измислица на новото време, ние тогаш ги следевме родителите и немавме право на глас“. Таа во Скопје го научила јазикот, го продолжила школувањето, стекнала пријатели и повеќе никој  не можел да ја натера да го смени местото на живеење. Иако во во родниот град имала можност да се врати дури после 15 години од заминувањето, веќе ништо не ја влечело таму, туку назад, во Македонија.

Манасковска е по професија лингвист, завршила германска филологија, а секако, одлично го познава и мајчиниот, грчки јазик, па ова ѝ го одбележало и животниот пат, односно, познавањето на јазиците ѝ помогнало и во работата како туристички водич, што било и нејзино прво вработување, но и во сите подоцнежни работни ангажмани.

„Во 1984. година почнав да работам во тогашниот Туристички сојуз на град Скопје  и веднаш полагав за да добијам лиценца за водич. Во следните неколку години се занимавав со алпинизам, на Матка каде што беше вежбалиштето се качував на карпи, ама тогаш бев слаба и можев. Тоа го правев до 2000 година, а потоа, откако мајка ми загина во сообраќајка, од стрес, ми се пореметија хормоните и почнав да се здебелувам и така завршив и со качувањето карпи. Работата како водич низ годините ми стана не само прво вработување, туку и прва љубов и бидејќи премногу ја засакав оваа земја јас посакав да им ја доближам и на сите останати. Имаме среќа нашиот туризам да се базира на уметност и на остатоци од минатото и имаме што да им понудиме на сите кои доаѓаат во Македонија“, вели Васка.

Токму таа ја имала привилегијата четири години по ред да ја претставува Македонија на интернационална туристичка берза во Берлин, како претставник на тогашната СРМ во рамките на екс Југославија.

„Туризмот порано и сега се дијаметрално  различни, но јас се прилагодувам“, додава таа, а тоа го потврдува и раскажувајќи ни дека е пријавена како водич во групата Get Your Guide, каде што можат да ја најдат туристите и преку препорака на туроператорите, но и преку непосреден контакт.

Во меѓувреме, од своето прво вработување во туризмот, па до пензионирањето, кога ѝ се навраќа на оваа нејзина најголема љубов, таа работела како симултан преведувач од германски јазик, била во кабинетот на генералниот директор на тогашната фирма-гигант „Макотекс“ која имала голема соработка со Германија, а по пропаѓањето на компанијата и кратката работа во една туристичка агенција, во 2000-тата, добила понуда да работи за КФОР под водство на германскиот контингент. Во КФОР останала и целиот период на војната во 2001 и им била преведувач на претпоставените, потполковници кои се менувале на секои 6 месеци за на крајот да му биде доделена како преведувачка на генералот на мисијата „Килибарна лисица“.

„Потоа останав без работа. Имав 48 години и се прашував што сега? Имавме кредит за враќање. Така почнав да чувам деца, да чистам, да пеглам, а потоа и да готвам за странски фамилии. Им понудив на Италијанците за кои работев тогаш да им зготвам нешто, а потоа почнаа да ме препорачуваат и така, од уста на уста, почнаа да ме викаат и други.

Нескромно ќе кажам дека меѓу народот важам за добра готвачка, многу сакам да експериментирам во кујна, ама пак мислам дека се се должи на тоа што и ова, како и се друго што сум работела, го правам со љубов. Ако работите било што со љубов, ако се внесувате стопроцентно во работата, не може да не успеете“, објаснува таа.

Како и да е, после овој период кој траел една година, побарала работа во „Алфа банка“ и станала секретарка на генералниот директор – Грк.

Била единствената вработена која на високи потпетици, со оглед на кодексот за облекување во банка, доаѓала на работа со велосипед. Вели дека ја засакала и оваа работа и дека останала таму до пензионирањето пред 5 години.

Сега воопшто не ѝ пречи тоа што туристите кои ги води се секогаш повозрасни и на шега вели дека кога била млада, токму тоа ја нервирало, ама дека сега обожава што работи со луѓе од постарата генерација со кои има извонредна комуникација.

Васка е вљубеник во манастирскиот туризам и тоа се за неа најубавите тури.

„Соработувам со келншкиот универзитет од каде што ми доаѓаат многу историчари на уметност, археолози, византолози, па со задоволство ги работам овие тури бидејќи е тоа материја која мене ми лежи“, ја завршува својата приказна нашата соговорничка иако имам чувство како да не стаса да ни раскаже уште многу нешта од нејзиниот богат и активен живот. Но, сигурна сум дека ќе се видиме повторно и ќе го продолжиме нашиот разговор или ќе тргнеме на заедничка авантура, на некоја од нашите убави планини.

Повеќе