Дали сакате децата во школо да садат и да плеват или не сакате да се извалкаат?

Храната произведена во училишните градини, како и плевењето и наводнувањето на растенијата, се шанса учениците да ги користат виталните моторни вештини, но и да се научат на одговорност. Досега во Македонија со различни фази на развој има дваесетина училишни градини, но за да се заинтересираат учениците за градинарството, треба да има и заинтересирани наставници, а денес малкумина од нив сакаат да се извалкаат во градина, вели Гоце Бумбароски, дел од тимот за едукација при „Слоу фуд Македонија“ кој веќе го предава овој предмет во ООУ „Кочо Рацин” во Прилеп.

290

За оние кои не знаат, од минатата година, во сите основни училишта во Македонија како изборен предмет во четврто одделение постои и градинарството. Еден од наставниците кои веќе го предаваат овој предмет што се изучува во текот на едно полугодие е Гоце Бумбароски, наставник во ООУ „Кочо Рацин“ во Прилеп и дел од тимот за едукација при „Слоу фуд Македонија“ чија цел е со овој предмет да предизвикаат и поголем интерес за формирање на училишни градини во што е можно поголем број училишта низ државата. Или поедноставно кажано, да ги едуцираат прво наставниците, за потоа тие да можат да ги едуцираат децата.

За да се заинтересираат учениците за овој предмет, вели нашиот соговорник, треба да има заинтересирани наставници, а денес сѐ помалку наставници сакаат да се извалкаат во градина.

Во рамките на една од најголемите манифестации за храна и земјоделство „Тера мадре дел густо“, која се одржа од 22 до 26 септември во Торино, Италија, на македонскиот павилјон во рамките на „Слоу фуд едукацијата“, беше претставена и програмата „Училишни градини“ која досега ја реализираа македонските училишта.  Носители на оваа програма се „Слоу фуд Водно“ и „Слоу фуд Македонија“.

Дел од тимот за едукација при „Слоу фуд Македонија“, меѓу кои покрај нашиот соговорник Гоце Бумбароски, беа и одделенската наставничка Јасна Ѓорѓиевска, архитектот Даме Димески и Филип Димкоски – новинар, агроном и главен уредник на списанието за училишните активности на Слоу Фуд Македонија „Полжавче“, го презентираa досега сработеното, истакнувајќи ги успесите, но и предизвиците со кои се соочуваат во реализацијата на проектот „Училишни градини“.  Модератор на настанот беше Мерита Кули.

Целта на ваквото претставување е вмрежување со другите Слоу Фуд – организации во светот, кои работат на создавање на училишните градини како полигони за едукација.

По претставувањето, следуваше работилница за семе, каде што посетителите можеа да се запознаат со некои семиња одгледувани на македонската почва, да земат семче, да го посеат во чашка со хумус и да го земат со себе како спомен од работилницата. Секако, особен интерес за тоа пројавија децата.

Работилницата за семе беше и најава за третиот број на списанието за училишните активности на „Слоу фуд Македонија“ – „Полжавче“, кое ќе биде посветено на значењето на семето.

Досега во Македонија со различни фази на развој се наоѓаат дваесетина училишни градини, а интересот од училиштата постојано расте.  Едукативните материјали посветени на училишните градини кои се во издание на „Слоу фуд Македонија“ од годинава најдоа примена и во реализација на изборниот предмет „Градинарство” во основните училишта.

„Градинарството е важно за детскиот физички, емоционален и социјален развој. Бројни се придобивките кои ги добиваме од растенијата, но и од грижата за нив. Toa носи многу придобивки за менталното здравје. Од намалување на стресот, изолацијата и депресијата до подобрување на имунолошкиот систем. Секој од нас знае дека растенијата се природните чистачи на воздухот.

Покрај придобивките за животната средина, градинарството има голем ефект врз децата и учениците од раните години, бидејќи тие поминуваат низ физички, емоционален и социјален развој. Постојат неколку начини преку кои градинарството ќе им користи на учениците, од нови вештини до подобри вештини и перформанси: физичка активност, одговорност и независност, самодоверба, тимска работа и комуникација, здрав начин на живот, свесност за животната средина“, вели Бумбароски.

Храната произведена во училишните градини, пак, како и плевењето и наводнувањето на растенијата, се шанса учениците да ги користат виталните моторни вештини, а преку таа активност да промовираат и одговорност.

Гледајќи ги плодовите од нивниот труд, постигнувањето на целите, им овозможуваат на учениците да станат посамоуверени, поотпорни и независни. Бидејќи гледаат како нивната материјална работа се материјализира, особено кога се во можност да уживаат во храната што самите ја одгледале.

Истражувањата откриваат и други придобивки: кога децата одгледуваат сопствена храна, тие развиваат таканаречена „емпатија за храната“, подлабока врска со храната, за што е докажано дека води кон поздрав живот. Децата со ваков вид емпатија имаат подобра исхрана, јадат повеќе зеленчук и овошје и имаат подобро разбирање за храната и исхраната.

Работата во градината бара и физичка активност.  Со тоа се подобрува циркулацијата, се затегнуваат мускулите на телото, коските зајакнуваат, сонцето и ветерот нè прават посилни и поотпорни. Грижата, социјализацијата и комуникацијата со луѓето не прават емотивно зрели и духовно стабилни. Нешто што е многу важно во нашиот живот.

„Сето ова придонесува и за тоа учениците да комуницираат и да работат тимски, за да постигнат заедничка цел. Ова може да доведе до развивање на меѓусебната почит. Тимската работа може да се практикува од самата подготовка на жардињерите па сѐ до берба и консумирање на плодовите. Секој тим може да превеземе одговорност, за дел со различен вид зеленчук. Градинарството е одлична можност за отворени и опуштени дискусии во училиштата и помеѓу наставниот кадар“, вели Гоце Бумбароски.

Повеќе