Дедо Мраз нема да дојде ако не си добар! Фрази кои не треба да ги употребувате во разговор со децата
„Наградувањето на „доброто“ однесување со подароци и на „лошото однесување со казни може да ги научи децата дека се помалку вредни ако се непослушни“, објаснува психотерапевтката Фиона Јасин
Додека одбројуваме до Божиќ, кај децата се зголемува возбудата и може да биде голем предизвик да се држат под контрола. Можеби ќе ги прекорите со закани дека Дедо Мраз нема да ги посети ако не се добри, но психотерапевтката Фиона Јасин апелира до родителите да водат сметка што зборуваат пред своите деца.
Таа објаснила дека постојат голем број проблематични фрази кои родителите често ги користат, а кои можат да им ги уништат празниците на најмладите.
„Дедо Мраз ќе те стави на списокот на непослушни деца ако не се однесуваш пристојно“.
Ова е класична фраза која многумина им ја кажале на своите деца, но Фиона истакнува дека таа може да има негативен ефект.
„Наградувањето на „доброто“ однесување со подароци и на „лошото однесување со казни може да ги научи децата дека се помалку вредни ако се непослушни“, објаснила таа.
А, лошото однесување понекогаш е резултат на анксиозност, која може да ја чувствуваат и децата.
„Иако симптомите на анксиозност кај децата ги поврзуваме со приврзаност и резервираност, тоа може да биде и резултат на лошо или проблематично однесување“, велат експертите од Childmind.
„Дај ѝ бакнеж на баба!”
Според Јасин, кога децата се принудени да направат нешто, им се одзема слободата на избор, поради што може да почнат да одат против желбите на родителите.
“Важно е родителите, членовите на семејството и пријателите да ги почитуваат желбите на децата доколку тие не сакаат да ги гушнат или да ги бакнат. Со присилување, испраќате порака дека тие не го контролираат своето тело, што може да биде опасно”. додава таа.
„Ако ти го купиме тој подарок, нема да можеме да ги платиме сметките“.
Родителите понекогаш ја користат оваа фраза за да го убедат своето дете дека немаат доволно пари, а тоа особено е видливо оваа година кога цените на сè растат.
„Вистината е дека децата, особено најмалите, не ги разбираат финансиите и тоа не треба да се очекува од нив. Ваквите фрази може да предизвикаат чувство на вознемиреност или на вина кај младите”, предупредува психотерапевтката.