Софтвер открива кои ученици не внимаваат на часот, а се користи во училишта во Кина (ВИДЕО)
Софтверот во лентите за глава развиени од американска стартап компанија, кои се применуваат во училишта во Кина, генерира предупредувања за нивоата на внимание на учениците и обезбедува анализа на крајот од секоја лекција.
Од 2019 година, учениците во основното училиште Џинхуа Ксиаошун во источна Кина не ја започнуваат наставата со отворање на учебниците, туку со ставање ленти на главата.
Лентите за глава биле развиени од стартап компанија BrainCo Inc. од Сомервил, САД и користат три електроди – една на челото и две зад ушите – за да се открие електричната активност во мозокот и да се испратат податоците до компјутерот на наставникот. Софтверот генерира предупредувања во реално време за нивоата на внимание на учениците и обезбедува анализа на крајот од секоја лекција.
Пилот проектот, дизајниран да им помогне на наставниците да го следат и да го подобрат вниманието на учениците, нуди увид во бумот на вештачката интелигенција во училниците низ Кина. Наставниците велат дека гледаат позитивни резултати откако почнале да користат вештачка интелигенција во нивните училници, пишува The Wall Street Journal.
„Наставниците јасно знаат кој е вклучен, а кој не. Тоа им користи“, вели Макс Њулон од старт-апот BrainCo Inc.
Меѓутоа, откако на социјалните мрежи се прошири видео од мали кинески деца во училница, многумина го изразија своето незадоволство.
„Ова е нарушување на приватноста, сакам моето дете да биде дете“, „Не сум сигурен зошто го прават ова“, „Изгледа како почетна сцена на научно-фантастичен хорор“, „Ова е проклетство. Децата ја губат својата креативност и невиност. Ако раснат опкружени со роботи и самите еден ден ќе се претворат во нив“, се некои мислења.
Треба да се напомене дека во Кина овој експеримент се спроведува со родителска дозвола. И тие велат дека гледаат подобрена дисциплина и фокус кај децата.