Ѕирнете во официјално најдобрата градинка во светот: Наместо скали, имаат лизгалки, а во училницата расте дрво

Поради ваква градинка човек ќе посака да се врати во детството, дури и ако како мал не сакал да оди во градинка. Оваа јапонска градинка е навистина нешто посебно

341

Најдобрата градинка во светот се наоѓа во градот Фуџи, во близина на Токио. Во овој модерен комплекс, изграден со цел да се истакне природата како идеална средина за децата и да се стави приоритет на здравиот развој, децата имаат можност да го искористат максимумот од магичната средина дизајнирана само за нив. Ова училиште со овална форма, дизајнирано од Tezuka Architects од Токио, каде што растат дрвја низ училниците, е бескрајно игралиште кое им овозможува на децата да бидат деца.

Архитектот Такахару Тезука во TED говор рекол дека неговите ќерка и син, кои сега имаат дванаесет и девет години, го инспирирале за овој проект. Како што пораснале, нивните навики и желби станале негови, а градинката ја дизајнирал во согласност со тоа заедно со неговата сопруга Џуи.

Огромно игралиште

„Градинката ја дизајниравме како круг, со еден вид бескрајна циркулација. Кога почнавме, немав предрасуди. Да се ​​биде во други градинки беше како да гледаш во ретровизор на автомобил – дури и ако гледате одблизу не можете да видите ништо напред“.

По лизгалка до дворот

„На дното на скалите кои се поврзани со покривот ставивме мал куп земја, на тој начин успеавме да ги скратиме. Но, тогаш децата почнаа да ја земаат земјата за да прават садови од кал, а кога 600 деца ќе почнат да земаат земја, тумбата почнува да исчезнува! Градинката мораше постојано да бара градежна фирма да носи и да додава земја. Меѓутоа, тоа го решивме со додавање на лизгалка. Знаев дека децата сакаат да се лизгаат, но јас не бев за тобоган. Без играчки, децата треба сами да размислуваат и да создаваат игри. Но, на крајот сепак го задржавме, пред сè, затоа што моравме да ги зачуваме пожарните скали“.

Вежби за земјотреси

„Јапонија ја погодуваат десет проценти од големите земјотреси во светот, па децата имаат вежби кои ги подготвуваат за земјотрес. Ги ставаат памучните капи кои се наоѓаат под масата за да ги заштитат главите во случај нешто да падне. Тоа е многу јапонска работа“.

Се охрабрува имитирањето на животните

„Јапонскиот градежен кодекс вели дека треба да имате вертикално растојание од 100 милиметри помеѓу решетките на оградите, така што децата да не можат да ја протнат главата. Но, можат да ги стават нозете, а тие сакаат да мафтаат со нозете. Шимпанзите го прават истото – тоа е еден вид инстинкт. Начинот на кој го прават тоа е многу симпатичен“.

Сè може да биде играчка

„Моравме да градиме околу дрвјата. Не беше лесно – не можевме да ги исечеме корените. Ги додадовме овие заштитни мрежи за учениците да не пропаѓаат низ дупките околу дрвјата. Јас ги знам децата и знам дека сакаат да си играат со мрежите. Кога и да ја видат, сакаат да скокнат во неа, да ја затресат. Ова беше навистина само изговор за мене да им дадам на децата друг начин да си играат“.

Тавански прозорци низ кои се ѕирка

„Децата сакаат да гледаат надолу од таванските прозорци. „Каде е мојот пријател?“ „Што се случува на часот подолу?“ Нема ѕидови меѓу училниците, така што бучавата слободно циркулира од едно до друго одделение и од надвор кон внатре. Сметаме дека бучавата е многу важна. Кога ги ставате децата во тивка просторија, има некои кои стануваат навистина нервозни“.

Секој месец преместување

„Секој месец во Фуџи наставниците и децата го преместуваат мебелот во училницата. Тогаш започнува најголемата забава. Потоа прават воз од кутии. Го наполнивме училиштето со околу 600 од овие кутии, кои се направени од многу лесно дрво познато како кири дрво. Децата нема да се повредат ако ја удрат главата од работ“.

Дрво во училницата

„Во 2011 година изградивме доградба на градинката – уште две училници и игротека. Тој дел го нарековме „Прстен околу дрвото“. Мислев дека дрвото е поважно од зградата, па ја направив зградата што е можно полесна. Во оваа градинка децата се поттикнуваат да се качуваат по дрвја. Ако детето е доволно силно, може да го достигне горното ниво без да ги користи скалите. Можеби другите училишта не дозволуваат, но директорот смета дека децата ги знаат своите можности. Тие престануваат кога ќе почувствуваат дека не можат да продолжат“.

Повеќе