Светската здравствена организација (СЗО) сериозно предупредува за штетноста од електронските цигари (vape/вејп), повикува на глобална забрана и бара да се третираат исто како и обичните цигари. СЗО вели дека се потребни „итни мерки“ за контрола на употребата на електронски цигари, истакнувајќи дека нема убедливи докази за поддршка на тврдењата дека тие им помагаат на пушачите да се откажат од пушењето и дека може да предизвикаат зависност од никотин кај луѓето кои инаку не пушат.
Потребна е итна акција за контрола на електронските цигари за да се заштитат децата, како и непушачите и да се минимизираат штетите по здравјето на населението. Електронските цигари како производи за широка потрошувачка не се покажаа како ефикасни за откажување од тутун на ниво на население. Наместо тоа, се појавија алармантни докази за негативните ефекти врз здравјето.
Електронските цигари се дозволени на отворен пазар и агресивно им се пласираат на младите. Триесет и четири земји ја забрануваат продажбата на електронски цигари, 88 земји немаат минимална возраст во која може да се купат електронски цигари и 74 земји немаат регулативи за овие штетни производи.
„Децата се регрутираат и се заробуваат на рана возраст да користат електронски цигари и може да се навикнат на никотинот“, вели д-р Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на СЗО.
Тој ги повикува земјите да спроведат строги мерки за да го спречат прифаќањето на овие цигари за да ги заштитат своите граѓани, особено нивните деца и младите луѓе.
Електронските цигари со никотин предизвикуваат голема зависност и се штетни за здравјето. Иако долгорочните здравствени ефекти не се целосно разбрани, утврдено е дека тие создаваат токсични материи, за кои е познато дека предизвикуваат рак и претставуваат сериозни ризици за здравјето на срцето и белите дробови.
Организацијата исто така нагласува дека електронската цигара може да го оштети развојот на мозокот кај младите луѓе и да доведе до нарушувања во учењето кај младите луѓе. Исто така, изложеноста на фетусот на електронски цигари може негативно да влијае на неговиот развој. Изложеноста на емисиите од е-цигарите, исто така, претставува ризик за другите луѓе.
„Електронските цигари ги таргетираат децата преку социјалните медиуми и инфлуенсерите, со најмалку 16 000 вкусови. Некои од овие производи користат цртани ликови и имаат елегантен дизајн, кој им се допаѓа на помладата генерација. Има алармантно зголемување на употребата на е-цигари кај децата и младите со стапки што ја надминуваат употребата од страна на возрасните во многу земји“, вели д-р Рудигер Креч, директор на СЗО за промоција на здравјето.
Децата на возраст од 13 до 15 години користат е-цигари со стапки повисоки од возрасните во сите региони на СЗО. Во Канада, стапките на употреба на електронски цигари меѓу 16-19-годишниците се удвоиле помеѓу 2017-2022 година, а во Англија бројот на млади корисници се зголемил тројно во последните три години.
Дури и краткото изложување на содржината на е-цигарите на социјалните мрежи може да биде поврзано со зголемена намера за користење на овие производи, како и со попозитивни ставови кон е-цигарите. Студиите постојано покажуваат дека младите луѓе кои користат е-цигари имаат речиси три пати поголеми шанси да користат цигари подоцна во животот.
Неопходни се итни мерки за да се спречи навлегувањето на е-цигарите и зависноста од никотин, заедно со сеопфатен пристап кон контролата на тутунот.
Имено, СЗО предлага да се спроведат мерки кои веќе се во сила за контрола на пушењето, вклучувајќи високи даноци и забрани за консумирање на јавни места.