Анти-совети за родители кои премногу се грижат: Не мора да правите баш сѐ по книга

На својот профил на Твитер, Дорса Амир, научничка од Универзитетот Беркли, која ги проучува начините на кои децата се развиваат и учат во различни култури ширум светот, објавила листа од анти-совети за премногу загрижените родители

136

Дорса Амир е научник од Универзитетот Беркли, кој ги проучува начините на кои децата се развиваат и учат во различни култури ширум светот. Таа е и модерна мајка која, како и сите други, го чувствува огромниот притисок на кој се изложени модерните родители.

Затоа на својот Твитер профил составила листа со анти-совети за родителите кои премногу се грижат дали прават доволно за своите деца.

Не мора сè да биде едукативно! Што и да прават, децата СЕКОГАШ учат. Не мора да ги учите на букви или на животински звуци.

Не чувствувајте обврска постојано да ги учите на нешто. Учењето на децата преку директна настава е најретката форма на учење во историјата на човештвото. Децата можат да учат на други начини – со набљудување. И тие се неверојатно добри во тоа.

Во ред е да им е досадно и не мора постојано да ги забавувате и да смислувате нови активности за нив. Тие треба да научат да го прават тоа сами.

Децата треба да искусат конфликти, како што се несогласувања и кавги со врсниците. Обидете се да не се мешате за да научат сами да ги решаваат.

Негативните емоции не треба да се избегнуваат. Децата треба да ги запознаат и да научат да ги обработуваат. Целосно безгрижно детство без емоционални предизвици не е добра подготовка за живот.

Не мора да му бидете кул пријател на вашето дете. Слободно бидете здодевен родител. Играњето со деца како да се пријатели е крајно невообичаено за човечкиот вид.

Вашиот живот и распоред не мора да се вртат околу желбите на вашето дете. Важни се и желбите на другите членови на семејството. Детето ќе биде совршено задоволно кога ќе учествува во активности за возрасни.

Не мора да им купувате стотици играчки. Децата можат да си играат со сѐ. Всушност, нивните омилени теми се за возрасни.

Децата сакаат да ги имитираат возрасните. Така учат. Вклучете ги во домашните работи и тие ќе уживаат во тоа.

Човечкиот вид е посебен по својата неверојатна „пластичност“. Можеме да се приспособиме на милион различни еколошки, културни и социјални околности. Тоа значи дека има милион различни начини да се биде човек и сите тие се еднакво правилни.

Повеќе