И растењето знае да боли! Колку се чести болките при растење кај децата и кога да се побара лекарска помош?

И покрај тоа што е многу честа појава, има многу мистерии околу овој тип на болка. Еве што треба да знаете за болките при растење и како да му помогнете на вашето дете доколку се појават.

1.261

Се проценува дека дури 50 отсто од децата во одреден момент ги доживуваат ефектите од болките при растење, пренесува Yahoo Life. Но, и покрај тоа што е многу честа појава, има многу мистерии околу овој тип на болка. Еве што треба да знаете за болките при растење и како да му помогнете на вашето дете доколку се појават.

Болките при растење всушност се однесуваат на болки во нозете кои се јавуваат кај децата, најчесто ноќе, објаснува педијатарката Данел Фишер, која додава дека оваа состојба најмногу се јавува на возраст од три до 12 години.

„Ова обично се случува кај здрави деца, а на болката најмногу се жалат навечер или може да ги разбудат од сон“, вели Фишер. Симптомите може да вклучуваат непријатна болка, обично под коленото, а може да се почувствуваат и зад коленото.

Но, зошто болките при растење најчесто се појавуваат ноќе? Како што објаснува педијатарот Гери Решак, причината веројатно е тоа што децата едноставно се повеќе расеани во текот на денот и не ги забележуваат толку многу како навечер. Исто така, истакнува Фишер, хормонот за раст се активира токму кога децата спијат. „Често можеме да ја слушнеме фразата дека растеме додека спиеме, а тоа е точно. Токму овој раст преку ноќ може да го зголеми ризикот од болка“.

Има многу мистерија околу болките од растењето, дури и во медицинската заедница. „Сè на сè, причината за овие болки сè уште е непозната. Некои студии сугерираат дека постои одредена поврзаност со прекумерната употреба на екстремитетите, но нема точен доказ кој го потврдува тоа“, објаснува Решак. Имено, тој смета дека болката би можела да биде поврзана само со високиот интензитет на физичката активност на детето во текот на денот.

Со него се согласува и педијатарката Фишер. „Студиите едноставно не се доволно убедливи. Исто така, секој има различни прагови на болка и тоа може да игра значајна улога во тоа зошто некои деца чувствуваат болка од растењето повеќе од другите“.

Каква болка е нормална, и кога е неопходно да се оди на лекар?
Педијатрите советуваат како може да се ублажат овие болки. Имено, родителите можат да се обидат да ги масираат нозете на детето или да ги третираат болните места со топли облоги. Иако болките при растење се чести и не претставуваат опасност по здравјето на детето, во некои случаи е неопходно да се побара помош од лекар.

Тоа треба да се направи во следниве случаи:

болка која ја зафаќа само едната нога
неодамнешна повреда
куцање или отежнато одење
црвенило
оток
модринки
осип
грозница
болка која трае и другиот ден.
Иако тие можат да бидат крајно непријатни за детето, болките при растење не треба да влијаат на нивото на неговата активност или да го попречуваат неговото функционирање во текот на денот. Во случај детето често да се жали на болка и да не може да ја поднесе, педијатрите препорачуваат да се побара лекарска помош.

Повеќе