Црногорка забременила на 57 години на клиника во Скопје: Парот се обидувал да добие дете цели 22 години

Педесет и седумгодишната Соња Миротиќ и нејзиниот шеесет и деветгодишен сопруг Марко од Црна Гора се обидувале да станат родители цели 22 години

465

Педесет и седумгодишната Соња и шеесет и деветгодишниот Марко Миротиќ од Грбавац, кај Подгорица очекуваат нов член на семејството во април, кога Соња треба да се породи. Таа ќе стане за првпат мајка на 57 години по долгата борба да има деца.

За порталот „Дан“ тие раскажале како ги урнале сите бариери, предрасудите на околината и ги поместиле границите. За овој брачен пар откажувањето не е опција, па се надеваат дека, ако им дозволи здравјето, ќе продолжат и понатаму.

„На сите парови кои минуваат низ она што ние го поминавме им порачувам да веруваат. Прво, тие треба да веруваат во себе и во својот партнер и да имаат огромна желба за тоа. Можеби мислат дека треба да се откажат, тоа е нормално, тоа е психолошка работа, тоа е и удар по нивниот џеб, но само бидете упорни и веројатно ќе се оствари. Оној кој верува во чуда создава чуда. Нека не се откажуваат“, вели Соња Миротиќ во емисија за порталот Dan.

Соња и Марко се во брак 23 години. Во текот на својата долгогодишна борба за потомство тие побарале стручни совети од лекари во многу земји, но било неуспешно, се досега. Ја споделуваат нивната приказна со желба да им дадат надеж на другите парови кои се соочени со истите предизвици.

„Во еден миг и целосно се откажавме. Меѓутоа, нашата блиска пријателка повторно нè охрабри. Беше упорна и сосема случајно дознавме за докторката Ана Јеремиќ.

Додека бевме кај неа, нејзините колеги се јавија во неколку клиники, но сите им кажаа дека има лимит за жени, дека интервенцијата за асистирано оплодување ја прават на жени до 54-годишна возраст. А, јас само што наполнив 56“, раскажува таа.

Потоа докторката ги информирала за клиниката во Скопје кадешто нема ограничување поради возраста, па отишле на прегледи. Трансферот бил извршен на 26 јули.

„Беа оплодени пет ембриони. Ми вбризгаа два, еден опстана и имам уште три. Се надевам дека ќе можам да ги искористам тие три на старост“, низ насмевка вели Соња во емисијата.

И нејзиниот сопруг Марко не ја крие радоста од можноста да станат родители по долгогодишно чекање.

„Главната работа е да верувате во она што го правите. Ако не верувате, се е залудно“, истакнува Марко.

Соња се потсетува и на моментот кога нејзиниот сопруг ги донел резултатите и кога дознала дека е бремена.

„Ги видов бројките и почнав да скокам од радост, да плачам, да викам, да се смеам. Марко едвај ме смири. Веднаш му се јави на својот внук од брат и му кажа дека неговата стрина е бремена. Тоа беше прекрасен момент“, се сеќава Соња.

Во деновите во кои уживаат трпеливо чекајќи го раѓањето на своето дете, единственото на што можат да мислат е се да оди добро и раѓањето да помине без проблеми.

Брачниот пар во емисијата зборува и за своето позитивно искуство во Скопје, за услугата и љубезноста на целиот персонал, медицинските сестри и лекарите.

„Сите ни дадоа надеж и верба дека овој пат конечно ќе успееме. Едвај чекам повторно да го видам доктор Младен. Тука мојата бременост ја следи д-р Јовановиќ. Благодарна сум му за се“, вели Соња.

Терминот за породувањето е 19 април.

Инаку, и Соња и Марко слават роденден на 20 март, па посакале на тој ден да се роди и бебето.

„Сакав тогаш да се направи царски рез, но тоа не е можно. Тоа би бил нашиот роденденски подарок. Со нетрпение чекаме да имаме дете и кога и да дојде на свет, тоа ќе ни биде најубавиот подарок“, вели идната мајка.

Бременоста на Соња ја следи гинеколог од Црна Гора – Вања Милошевиќ.

Тој вели дека иако ваквите ситуации се реткост, сепак се доказ дека некогаш не треба да се губи надеж.

„Случајот на Соња покажува дека медицината може да им пркоси на границите.

Медицинскиот напредок ни покажува дека можноста за бременост е реална дури и надвор од поставените граници на клиниките“, вели тој за телевизијата Prva TV.

Тој истакнува дека бременоста на оваа возраст може да биде ризична, но со помош и поддршка од професионалци, бременоста може да помине и добро.

„Секако дека има ризик на возраст над 40-45 години, но ризиците се дел од животот.

Како искусни професионалци, ние треба да им бидеме потпора и ветар во грб на жените кои сакаат да станат мајки“.

Повеќе