Често се вели дека бебињата и кучињата препознаваат луѓе кои можеби немаат најдобри намери. Кучето може постојано да лае, додека бебето може да стане немирно и да бара сигурна личност.
Се смета дека тоа е еден вид вродена особина.
Иако интуицијата е тешко да се измери, истражувачите се обиделе да утврдат дали бебињата можат да разликуваат добро од погрешно.
Пред повеќе од 14 години, истражувачите се запрашале дали бебињата можат да препознаат добар карактер, односно дали можат да разликуваат добро од лошо.
Се разбира, бидејќи станува збор за бебиња, не можеле да ги прашаат зошто го одбрале она што го одбрале, но податоците покажале дека бебињата всушност преферираат добри луѓе, а не лоши, пишува Upworthy.
Во експериментот, бебињата гледале куклена претстава со ликови кои во основа биле само геометриски форми на кои биле прицврстени очи.
Црвениот круг се обидува да се искачи на ридот, но постојано паѓа.
Потоа се појавува син квадрат и му помага на кругот туркајќи го одзади, овозможувајќи му да стигне до врвот на ридот.
Во следниот обид, црвениот круг наидува на жолт триаголник кој го гледа кругот како се обидува да се искачи нагоре, но наместо да му помогне, триаголникот го турка назад надолу.
Бебињата, некои стари само шест месеци, биле свртени со грбот од родителите за да не ги гледаат нивните реакции. Истражувачите потоа ставиле пред бебињата реплики на ликовите. Пред бебињата да ги видат формите, на родителите им било кажано да ги затворат очите за случајно да не влијаат на изборот на бебето.
Речиси во секој случај бебињата го избрале ликот кој бил помошник, докажувајќи дека можат да разликуваат добро и лошо социјално однесување.
Повеќе истражувања го потврдиле резултатот.
Експериментот бил повторен неколку пати, а иако не било можно двапати да се постигнат исти високи резултати, бебињата сепак почесто го избирале помошникот отколку попречувачот.
Другите повторувања на експериментите биле поуспешни, потврдувајќи дека бебињата навистина го претпочитаат добриот карактер пред лошиот.
Неодамна, на социјалните мрежи се појави видео од еден од експериментите на кој се гледа давањето предност на помошникот. Но, во ова видео, помошникот бил жолт триаголник, а попречувачот бил син квадрат.
Ова довело до шпекулации дека бебињата едноставно го избираат ликот што е позабележително обоен, што сугерира дека ако улогите се сменат, тие сепак би го избрале жолтиот лик.
Многумина не сфаќаат дека веќе е спроведен експеримент со алтернативно сценарио, покажувајќи ги истите резултати – бебињата претпочитаат добар карактер.
Голема репликација во повеќе лаборатории го потврдила истото, а истражувачите откриле кај тримесечните бебиња дека подолго го гледаат добриот лик.