Дали им забранувате на децата да скокаат по кревети? Ова е една од најчестите родителски грешки

Познатиот експерт за рано поттикнување на детската интелигенција, д-р Ранко Рајовиќ, неодамна зборуваше за неколку типични родителски грешки кои можат да влијаат на менталниот развој на децата.

2.832

Секој родител понекогаш греши и тоа е сосема во ред. Сепак, експертите предупредуваат дека некои наши навики и грешки кои ги правиме најчесто и несвесно, можат навистина да остават долгорочни последици, без разлика колку мислите дека тоа не е „ништо страшно“.

„Интелигенцијата не е наследна, се наследува само потенцијалот што треба да се активира и во оваа смисла најважна е раната стимулација во првите години од животот на детето, додека најголемо влијание врз него имаат самите родители“, нагласува д-р Ранко Рајовиќ. кој е специјалист по интерна медицина од Србија и се занимавал со истражувања во областа на неврофизиологијата и невроендокринологијата, член е на меѓународниот одбор за надарени деца Менса и познат експерт за раниот развој на интелигенцијата.

Рајовиќ е автор на системот за учење НТЦ, кој се применува во градинките и училиштата во 14 европски земји.

За време на едно од неговите предавања, тој објасни кои грешки најчесто несвесно ги прават родителите и со тоа негативно влијаат на развојот на интелигенцијата на детето.

Розова или сина соба
Родителите со задоволство ја уредуваат собата на бебето уште пред неговото раѓање, но ова може да биде голема грешка која влијае на интелигенцијата на детето во подоцнежна возраст, вели докторот.

„Бебето во првиот месец гледа слабо, како да има +20 диоптрија и само забележува силни контрасти. Наместо монотони, розови или сини ентериери, во детската соба треба да се постават темни завеси или тапети, барем во првиот период од животот на детето, што ќе го создадат тој контраст“, ​​објаснува Рајовиќ.

Спречување играње на подот

Додека детето лази, со рацете се потпира на подот, а тој притисок на дланката активира одредени делови во мозокот кои се важни за понатамошна интелигенција. Некои родители не дозволуваат детето да си игра на под, не сакаат да се извалка или со рацете да внесе во уста нешто валкано што ќе најде на под. Но, фазата на лазење е многу кратка и ако тогаш не се случи специфична стимулација на дланката, се пропушта добра можност за развој на мозокот.

Забрани за скокање по креветот

Повеќето родители не поддржуваат скокање на креветот за да не се повреди детето и тоа е сосема логично. Меѓутоа, невроните кои не работат умираат, а токму тие неврони природно ги поттикнуваат децата да скокаат. Секој скок го поместува тежиштето на телото налево или надесно, што резултира со активирање на сите мускули за одржување на рамнотежа при враќањето на стапалата, а управувањето со ова е стимулација на мозокот.

„Наместо да му забранувате на детето да скока, попрво внимавајте на неговата безбедност“, советува Рајовиќ и додава дека сличен ефект има и вртењето околу својата оска, кое исто така често го бранат родителите, а не треба.

Возење во количка, наместо одење

Одењето е многу важно за развојот на мозокот, а многу родители денес почесто ги возат децата во количка, и тоа дури и до 4 или 5 години. Покрај влијанието на когнитивниот развој, долгото туркање на децата во количка доведува до појава на рамни стапала, што е денес случај кај 70% од децата. Секако децата треба што повеќе да се движат, а идеално е, кога има услови за тоа, да одат боси.

Предолго миксирана храна / каша

Детето почнува со џвакање од 6-тиот месец, а до 18 месеци треба да премине од кашичка на цврста храна. Важно е да џвака, храната да не се дроби на ситни парчиња, бидејќи џвакањето, според Д-р Рајовиќ, ги чисти забите, го активира јазикот, па така и говорот подобро ќе се развие. Исто така, важно е за имунитетот.

Сепак, дури и ако родителите направиле дел од овие грешки во првите години, се уште можат да го поттикнат развојот на интелигенцијата кај своите деца на предучилишна или училишна возраст, со помош на различни вежби и игри.

Повеќе