Дали мајките денес се навистина понесреќни од порано?

Мајките инфлуенсерки толку многу го лажираат вистинскиот живот што лесно им создаваат комплекси на другите, исто како што фотошопираните жени на насловните страници наметнуваат нереални стандарди за убавина

180

Кога денес некоја жена е бремена, постојано има можност да гледа прекрасни профили на разни мајки на Инстаграм. Слаткото детенце лежи во креветчето или пак цица додека мајката со совршено брановидна коса мило го гледа, бели испеглани чаршафи, шолја кафе без кофеин и вазна со лалиња, веќе знаете како изгледаат овие профили. Како бајка. Затоа што тие и се, бајка. Како што не постои такво нешто како Пепелашка, не постои ни таков живот со дете.

Го знаете тоа, но не знаете за хормоналниот плач во неделите по породувањето. Инфлуенсерките не зборуваат за тоа. За плачење нема лајкови. Всушност, повеќето од мајките плачат по породувањето и тоа е сосема нормална појава наречена „бејби блуз“. Дури и кога ќе помине „блузот“, некои мајки остануваат несреќни, со неисполнети очекувања кои се поставувале пред нив пред да се породат. Ќе се пожалат на некој повозрасен, а тој им вели дека тоа не се случувало порано. Дали е навистина така?

Во книгата „Женска мистика“ на Бети Фридан од 1960-тите има поглавје наречено „Проблемот што нема име“. Имено, пред 60 години, Бети Фридан интервјуирала мајки кои анонимно ѝ признале дека не се исполнети, дека се осамени и дека се срамат да признаат дека се изгубени среде своето семејство. Американските предградија со куќи и совршено искосените тревници беа слика на среќни семејства, а во овие куќи живееја несреќни мајки.

Но за тоа не се разговараше. Немаше социјални мрежи. Не можевме лесно да споделуваме информации меѓу себе, не се натпреварувавме со цел свет која мајка е подобра, туку само со соседството. Денеска ситуацијата е полоша бидејќи се натпреваруваме со сите.

Мајките инфлуенсерки толку многу го лажираат вистинскиот живот што лесно им создаваат комплекси на другите, исто како што фотошопираните жени на насловните страници наметнуваат нереални стандарди за убавина кои нè тераат да мислиме дека сме грди или барем недоволно убави. Затоа што никој таму нема грпка на носот, мозолчиња или влакна на брадата, исто така нема ниту темни кругови.

Не, мајките инфлуенсерки не се ненаспани, нон-стоп се радуваат, имаат луди фризури, совршена шминка. Повторно, брендовите ги избираат токму таквите мајки. Затоа што вистинските мајки, оние кои го прикажуваат вистинскиот живот, не се усогласени со брендовите. Како може да се рекламира кремот ако детето случајно плаче? Ќе излезе дека кремот пече, па детето затоа плаче. Како може да се рекламира кафе без кофеин покрај мајка со темни подочници? Едноставно, тоа не е посакуван живот, има темни подочници. И брендовите продаваат подобар живот. Рекламирањето продава подобар живот.

Не е тешко да се падне во депресија. Порано мајките се грижеа за сипаници и детска парализа, денес се грижат за 101 работа што не постоела порано. Порано мајките пиеле валиум или како што популарно се нарекувал „малата помошничка на мајките“, а денес пијат антидепресиви.

Постпородилната депресија не е болест на модерното време повеќе отколку што била болест во времето на нашите баби и мајки, само што тогаш за тоа не се зборуваше.

А кога за нешто не се зборува, тоа не постои. Денес, кога жените добија сила да се отворат и да зборуваат за сè, ни се чини дека оваа несреќна депресија одеднаш се појави, но станува збор само за тоа што конечно проговоривме за неа!
Шеесет години по Бети Фридан, го чувствуваме истиот проблем како нашите баби и мајки, само на поинаков начин.

Денес жените главно работат. Чувствуваат притисок затоа што работат, а не се со своите деца. Ако не работат, тогаш чувствуваат како општеството да ги гледа негативно. Поради ова често се вознемируваме и ја доведуваме во прашање секоја одлука. Обврските станаа страшни, конкурентноста се зголеми, нормално е дека нашиот живот понекогаш е хаотичен и пренатрупан. Би сакале да ги штиклираме сите полиња за успешна жена:

  • Работам и сум успешна во мојот бизнис
  • Поминувам многу време со детето
  • Секој ден готвам здраво
  • Се едуцирам за воспитувањето
  • Ги возам децата на икс активности

И така натаму. Знаете на што мислам.

На крајот на краиштата, порано живеевме во заедници, во домаќинства каде што помагаа мајки и баби, а денес повеќето мајки немаат помош за која не мора да се плати. За среќа, денес татковците сè повеќе ја разбираат нивната улога во воспитувањето на детето и го носат товарот на родителството заедно со мајките.

И баталете го Инстаграм! Тоа е само бајка!

Повеќе