Новогодишните празници се период на забава и радост, но експертите тврдат дека украсите, вклучително и елката, би можеле негативно да се одразат на нашето здравје. Постои и име за оваа состојба – синдром на новогодишно дрво.
„Синдромот на новогодишната елка се опишува како здравствена состојба на зголемени алергиски реакции кога ќе го поставите и ќе го украсите дрвото. Симптомите вклучуваат течење на носот, кивање и кашлање. Тие се слични на поленската треска, па може да се јави и чешање на очите, како и осип на кожата, кој е познат како дерматитис на елка. Луѓето со астма може да доживеат влошување на симптомите, што може да прерасне во бронхитис“, објаснил фармацевтот Султан Дајани.
Тој тврди дека украсите и светилките можат да претставуваат закана за здравјето. Грињите се едни од најчестите алергени и можат да се внесат во куќата и на новогодишните елки (вистински и вештачки) и на украсите и светилките.
„Може да ви тече носот, очите да ви солзат и да почнете да кивате. Доколку се појави осип на вашето тело, можеби реагирате на „сокот“ од елката. Осипот е сличен на оној предизвикан од отровниот бршлен. Се развива во рок од неколку дена по допирање на елката“, додава фармацевтот.
„Студијата откри повеќе од 50 видови мувла во примероците што истражувачите ги донеле од нивните новогодишни елки. Вештачката елка може да има и мувла ако е со прашина или се чува во влажна гаража, подрум или поткровје. Како што се внесува елката во куќата, потоплата средина предизвикува појава на мувла“, истакнува Дајани.
Што се однесува до украсите, важно е да се внимава на децата за да не се задушат или отрујат.
„Внимавајте со стаклените украси, кои можат да се скршат. Исто така, некои од нив содржат олово, жива или метилен хлорид, супстанци кои можат да бидат токсични доколку се допрат и се внесат во уста. Иако се остри, малите парчиња стакло обично минуваат низ дигестивниот тракт без проблеми“, велат од Националниот центар за отрови во САД.